Очекувањата на министерот Крешник Бектеши се дека пред утрешното стапување во сила на замрзнатите цени на дел од тестенините и млекото и млечните производи, производителите и трговците ќе ги поевтинат производите како што е предвидено и нема да дозволат кризата да биде само на грбот на граѓаните
Министерството за економија очекува дека стопанствениците во државата ќе бидат солидарни, ќе ги почитуваат одлуките на Владата и нема да дозволат кризата да биде само на грбот на граѓаните. Очекувањата на министерот Крешник Бектеши се дека пред утрешното стапување во сила на замрзнатите цени на дел од тестенините и млекото и млечните производи, производителите и трговците ќе ги поевтинат производите како што е предвидено. Одлуките на Владата, како што вели тој, се носат заедно со здруженијата и коморите. Според него, направени се прецизни анализи и има простор за намалување на цените без компаниите да бидат во загуба.
„Во Министерството за економија се прават анализи за проширување на одлуката за замрзнување на цените на другите основни производи кои беа опфатени во Одлуката за замрзнување на маржата, односно за јајцата од кокошка, македонски ориз, бел шеќер. Штом ќе бидат готови анализите на податоците за овие производи ќе донесеме одлука дали мерката за замрзнување на цените ќе се прошири и кај нив. Сите одлуки ги носиме заедно со здруженијата и коморите. Очекуваме солидарност од сите стопанственици во нашата држава за кризата да не биде на грбот на граѓаните“,
изјави Бектеши за МИА.
Владата донесе одлука и им даде рок од речиси една недела, односно до 16 март, на трговците и производителите да ги намалат цените на тестенините и на млечните производи за 15, односно 10 отсто.
Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.
Цените на макароните и шпагетите од утре ќе бидат пониски за 15 отсто, а на млечните производи како кравјо млеко од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти масленост, како и јогурт, кисело млеко, павлака, кравјо и мешано бело сирење и кравји кашкавал ќе бидат пониски за 10 отсто.
Пред стапувањето во сила на оваа владина одлука од Државниот пазарен инспекторат најавија дека ќе бидат на терен и ќе проверуваат дали цените на овие производи се намалени.
„Казните за непочитување на одлуките изнесуваат од 800 до 10 000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор“,
велат од ДПИ.
Денеска и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека Владата ги следи сите движења на пазарот и ако цените на основните суровини паѓаат, а цените останат исти тогаш ќе мора да се донесат и други одлуки за замрзнување на цените и на други производи, како овошјето и зеленчукот.
Според него, нема да има санкции затоа што, како што вели, замрзнувањето на цената е доволна непазарна мерка.
Очекувањата на Битиќи се дека од утре наутро ќе може да се видат цените коишто се предвидени со одлуката.
Ова е второ замрзнување на цените годинава откако минатиот месец беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари.