Министерството за здравство ја следи епидемиолошката состојба во земјава и регионот. Засега нема нови препораки или воведување нови рестриктивни мерки, велат од Министерството за здравство за „360 степени“ откако утрово се одржа состанок на Комисијата за заразни болести околу тоа дали се потребни нови рестрикции.
Во пресрет на состанокот, и министерот Венко Филипче излезе со став дека ако ситуацијата остане ваква како што е тогаш во текот на летово нема потреба од воведување мерки.
„Тука зборувам и за влез и за излез на границите и во рамките на тоа што е препорачано во делот на организација на настани, собири итн. Но, будно ја следиме ситуацијата, зашто има земји каде што индискиот сој, како поагресивен во однос на претходните, побрзо се шири и еве тие земји воведоа некоја рестрикција“,
рече Филипче во гостувањето во „Утрински брифинг“.
Неговиот став тој го обласни со тоа што има мала бројка на позитивни тестови, има малку хоспитализирани пациенти и, што е најважно, намален е бројот на прегледи во амбулантите. Дополнително, причина за ваквиот став е и тоа што состојбата во околните земји е мирна. Сепак, Филипче нагласи дека се следи развојот на состојбата со поагресивниот делта-сој, кој се појави во Индија, поради кој некои земји вратија дел од рестрикциите, па најави дека ако има потреба и нашите здравствени власти ќе интервенираат.