Во 13 часот попладне почнува седницата на Комисијата за европски прашања, која треба да ги разгледа законите за јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители, за кои синоќа парламентот ја утврди потребата од донесување по скратена постапка.
Двата закона се со европско знаме и поради тоа се разгледуваат во Комисијата за европски прашања, а не во матичната Комисија за политички систем. Тоа е причината и поради која рокот за поднесување амандмани и за расправа по нив е ограничен на два дена.
Половина час подоцна, ќе почне и седницата на Законодавно-правната комисија, така што очекувањата се дека амандманската расправа ќе заврши во текот на денешниот ден и дека има договор со ВМРО-ДПМНЕ да не блокира со амандмани, ако веќе не учествува во двотретинското мнозинство. Според наши информации досега не се доставени амандмани, а рокот за тоа е до почетокот на седницата на Комисијата. Сепак, имало најави од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесат неколку амандмани на законот за ЈО.
Проценките се дека во текот на утрешниот ден ќе продолжи 135. пленарна седница и дека ќе се гласа за двата закона. За законот за јавно обвинителство се потребни 80 гласа, кои се очекува да бидат обезбедени, со оглед на тоа што синоќа Владата достави нови верзии на законите, за што од СДСМ дојдоа информации дека се целосно усогласени меѓу партиите.
Од тоа како ќе тече собраниската седница за двата закони зависи како понатаму ќе се развива агендата во парламентот, односно дали можеби уште утревечер ќе биде закажана седницата за распуштање на овој собраниски состав, за што ВМРО-ДПМНЕ има доставено пшредлог. Или ќе се почека уште неколку дена, односно до 16 февруари (недела) како краен можен рок што го наведе спикерот Талат Џафери.