„Иако на почетокот пред да се започне со летот била спроведена соодветната процедура за проверка во каква состојба е хеликоптерот, не се покажал каков било дефект, меѓутоа сепак во текот на летањето системите за предупредување дале сигнал дека се појавува дефект на моторот“, изјави денеска министерката за одбрана додавајќи дека комисијата што ќе се формира ќе треба во детали истражи како дошло до дефектот
Ќе се формира комисија која ќе треба во детали да го истражи случајот со хеликоптерот на Армијата на Република Северна Македонија кој вчера поради дефект на моторот принудно слета кај селата Средно Коњаре и Долно Коњаре во реонот на Петровец, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Како што информира министерката, дефектот бил регистриран за време на редовен тренажен лет, иако процедурата за проверка пред да полета воздухопловот не покажала никакви аномалии.
„Не се работи за паднат хеликоптер, туку за принудно слетан хеликоптер во околината на Петровец. Значи не е слетан на самиот аеродром туку на една ледина. Настанат е дефект кој е регистриран при редовен тренажен лет на пилотите кои се дел од Армијата. Иако на почетокот пред да се започне со летот била спроведена соодветната процедура за проверка во каква состојба е хеликоптерот, не се покажал каков било дефект, меѓутоа сепак, во текот на летањето, системите за предупредување дале сигнал дека се појавува дефект на моторот“,
рече министерката за одбрана одговарајќи на новинарско прашање пред обраќањето на регионалната конференција „Мир и просперитет на Западниот Балкан“ во организација на Центарот на истражување и креирање политики и конзорциумот „СМАРТ Балкан“.
Иако станува збор за млад пилот, Петровска рече дека како што првично е известена, тој постапил согласно стандардните оперативни процедури, односно ја известил контролата и пристапил кон принудно слетување на хеликоптерот, а потоа ги известил претпоставените.
„Утрово сум известена дека хеликоптерот сè уште се наоѓа на таа локација која во текот на деноноќието е обезбедена од армиските сили. Комисијата се формира и се разбира таа ќе треба во детали да истражи како дошло до тој дефект, дали можеби станува збор за некој пропуст или едноставно во текот на летањето се појавил тој дефект што може се случувало и претходно, меѓутоа комисијата сепак ќе мора да си ја заврши таа работа“,
изјави министерката за одбрана.
На прашањето колку често се прави проверка на леталата за да не дојде до вакви случаи, таа рече дека станува збор за стандардни оперативни процедури кои се вршат секогаш и редовно без разлика за што се употребуваат леталата.
„Секогаш и редовно заради тоа што тоа е една од стандардните оперативни процедури кои не смеат да бидат пропуштени без разлика дали хеликоптерот ќе биде употребен за транспорт на војници, понекогаш за транспорт на раководството кога одиме на (полигонот) Криволак или се работи за тренажен лет како во овој случај. Проверката на состојбата на хеликоптерите, сите воздухопловни летала е стандардна оперативна процедура која не смее да биде пропуштена за да се спречат несреќи од поголем карактер“,
рече Петровска.
За потсетување, вчера околу 14:30 часот хеликоптер на македонската Армија принудно слета во близина на Скопје откако за време на редовна летачка обука во Воздухопловниот ВИНГ се појавило предупредување на инструментите за појава на грешки во работата на моторот. Хеликоптерот слетал кај селата Средно и Долно Коњаре во реонот на Петровец.
Од Армијата вчера информираа дека нема никакви оштетувања на леталото, ниту повредени во посадата.
„При редовно извршување на летачка обука во Воздухопловниот ВИНГ, следејќи ги безбедносните процедури, поради појава на сигнализациско предупредување на инструментите за појава на грешки во работа на моторот, во време околу 14:30 часот е пристапено кон принудно слетување во реонот на селата Средно Коњаре и Долно Коњаре, во реонот на Петровец“,
се вели во вчерашното соопштение од АРМ.