Од банката велат и дека воопшто не е точно дека обвинителството во целата постапка што се водеше по повод понудената гаранција зазеде цврст став таа да не се прифати, како што изјавува државниот обвинител. Како што потсетуваат од Комерцијална, уште во мај 2021 година, обвинителството се согласи да ја прифати понудената гаранција
Апелацискиот суд донесе пресуда со која се укина мерката притвор за лицето Сашо Мијалков, а не Комерцијална банка. Доколку Обвинителството, кое е само една од странките во таа постапка, има проблем со пресудата на Апелацискиот суд, тогаш може да преземе активности пред надлежните судски власти, согласно своите законски овластувања, а не да ја замајува јавноста со неточни информации за гаранциите и хипотеките.
Ова се наведува во денешната реакција на Комерцијална банка АД Скопје, по интервјуто на државниот јавен обвинтел Љубомир Јовски, во кое тој се осврнува и на случајот со поранешниот дирекотор на некогашната УБК, кој пред новогодишните празници беше ослободен од притвор.
„Комерцијална банка не е странка во таа постапка. Второ, по барање на Бест Веј како хипотекарен должник за гаранцијата за Сашо Мијалков, а и по барањата на обвинителството, во два наврати, во мај и во октомври 2021 година, Комерцијална банка само се согласи државата да има прв приоритет над понудениот имот (наместо приоритетот на Комерцијална банка) и Комерцијална банка да стане доверител од втор ред. На товар на тоа што одобри државата да има прв приоритет, Комерцијална банка од хипотекарниот должник побара и доби ново дополнително обезбедување во хартии од вредност (акции) и градежно земјиште“,
се наведува во реакцијата на банката.
Јовески, во интервјуто за МИА, вели, меѓу другото, дека ставот на Обвинителството бил да не се прифати понудената гаранција за поранешниот директор на УБК. Овој став, како што вели, произлегува од неколку причини. Не мало значење, според него, има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка – Скопје.
Тој потенцира дека укинувањето на мерката притвор е одлука на судот и затоа во овој момент не може да ја коментира. Појасни дека гаранцијата во основа се полага во пари, во вредности или во други драгоцености кои лесно можат да се впаричат и дека висината на гаранцијата зависи од семејните и имотните состојби и личноста на обвинетиот.
Не мало значење, според државниот јавен обвинител, има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.
„Во постапката Комерцијална банка – Скопје даде согласност дека сака да биде доверител од втор ред, додека државата да биде доверител во делот на гаранцијата од прв ред, потоа таа согласност ја повлече и одново даде таква согласност. Со оглед на тоа што за одобрување на кредитите има посебна постапка и интерни упатства и процедури, а Народната банка се грижи за функционирање на банкарскиот систем во земјата, сметам дека Народна банка треба да испита дали со оваа согласност некој излегол вон рамките на своите службени овластувања, или пак се доведени во прашање интересите на другите комитенти на банката“,
нагласи Јовески.
Во реакцијата од Комерцијална банка, пак, се нагласува дека, согласно законските прописи, обвинителската постапка е тајна и државниот јавен обвинител не само што не смее, туку самиот ги крши законските прописи кога во овој случај поименично ја именува банката, која не е странка во постапката.
„За разлика од државниот јавен обвинител, дури и новинарите беа повнимателни во овој случај и известуваа според законските прописи, наведувајќи дека се работи за „банка“, а не поименично за Комерцијална банка. Понатаму, обвинителството прво бара од Комерцијална банка да даде согласност државата да биде доверител од прв ред, а кога Комерцијална банка ја издава таа согласност, тогаш државниот јавен обвинител бара Народната банка да испита дали некој во Комерцијална банка излегол вон рамките на своите службени овластувања. Навистина мора да се признае дека ова делува „шашаво“, а дали ќе функционира – ќе видиме.
Државниот јавен обвинител не треба да се грижи за ова затоа што издавањето најразлични видови гаранции (парични, авансни, чинидбени), па дури и ваква специфична согласност за давање приоритет во хипотеките е предмет на редовно работење и законска надлежност на банката. Одлуката за одобрување прв приоритет на државата, согласно кредитната политика и овластувања на Комерцијална банка, е предложена од Секторот за кредитирање на стопанството, одобрена од сите надлежни нивоа на одлучување (Управниот одбор, Кредитниот одбор, Одборот за управување со ризици) и на крај потврдена и од Надзорниот одбор на банката како орган со најголеми кредитни овластувања, по што е издадена соодветна изјава–согласност од страна на надлежни лица од Секторот за кредитирање на стопанство и Секторот за правни работи. При тоа, ниту еден службеник не излегол вон рамките на своите службени овластувања. Исто така, не се доведени во прашање ниту интересите на другите коминтенти на банката, затоа што на товар на тоа што одобри државата да има прв приоритет, Комерцијална банка од хипотекарниот должник побара и доби ново дополнително обезбедување во хартии од вредност (акции) и градежно земјиште.
Убедени сме дека и контролата, која Државниот јавен обвинител лично ја побара од Народната банка, само ќе ги потврди овие констатации од работењето на Комерцијална банка. На крајот, се надеваме дека Обвинителството не ги помешало предметите по кои работи. Да потсетиме, пред Апелациониот суд се водеа постапки и се одлучуваше за мерката притвор по предметите ‘Трезор’ и “Плацовите на Водно’. А не, или пак се надеваме, сѐ уште не, за службените овластувања во Комерцијална банка“,
се наведува во соопштението на Комерцијална банка.
Од банката, исто така, велат дека не е воопшто точно дека обвинителството во целата постапка што се водеше по повод понудената гаранција зазеде цврст став таа да не се прифати, како што изјавува Јовески. Како што велат од Комерцијална, уште во мај 2021 година, обвинителството се согласи да ја прифати понудената гаранција.
„Потсетуваме, изјавата на Обвинителството од 19.05.2021 година гласи: „Обвинителство, ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10.871.170 евра е прифатлива за Обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата.“ Всушност, Обвинителството го прифатило понудениот имот со прв приоритет на државата како гаранција. Доколку денес извадите имотни листови од Катастарот за понудените недвижности и опрема, ќе видите дека државата е запишана како доверител од прв ред, а Комерцијална банка од втор ред и затоа сега нема потреба од никакви замајувања и дезинформации“,
се наведува во реакцијата до државниот јавен обвинител.