Премиерот, пак, рече дека секој има право да си ги инвестира парите, а на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ и посочи оти благодарение на тие што инвестираат во приватниот сектор и плаќаат даноци, таа веќе 12 години зема плата
Колку е етички вашата сопруга да работи со фирма за енергетика во вакви моменти кога на народот му е најлошо, го праша денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска премиерот Димитар Ковачевски.
Прашањето таа го упати денеска на собраниска седница за пратенички прашања, последна за оваа година. Пред да го праша, Ласовска прочита дел од медиумските написи во кои се пишува за тоа дека фирма во која косопственик е сопругата на премиерот, Елена Ковачевска, планира да гради енергетски капацитет кај Радовиш.
„Фирмата е отворена во октомври 2020 година, еден месец откако вие сте предложен за заменик-министер за финансии. Прво сте станале државен функционер, па потоа вашата сопруга направила фирма. Колку е етички вашата сопруга да работи со фирма за енергетика во моменти кога на народот му е најлошо, дали имате некаков пример во светот за такво нешто – за премиер чија сопруга работи бизнис, а тој може и да не се јави по телефон, а да ѝ дава работа? Не знам дали ви е јасно како изгледа тоа од страна ама очигледно не ви е бидејќи сте решиле и вашата сопруга да работите тоа што работите“,
рече Ласовска.
Ковачевски, пак, го повтори тоа што и претходно веќе го кажа во јавноста – секој граѓанин во државава има право да инвестира свои сопствени средства и тоа, рече, не исклучува никого.
Во одговорот премиерот наведе дека согласно со етичкиот кодекс на Владата и со Законот за спречување на корупција целиот негов имот и имотот на членовите на неговото семејство што се пријавени во анкетниот лист во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
„Се обидовте да направите алузија дека се работи за наша инвестиција. Не, се работи за инвестиција на мојата сопруга што е дозволено според закон, и тие коишто инвестираат свои средства тие плаќаат и даноци, од коишто даноци плата земаат и јавната администрација, и Владата и пратениците. И последното што го кажавте во однос на тоа кој е среќен, со оглед на тоа дека 12 години вие земате плата од такви како мене и тие кои што инвестираат во приватниот сектор, тоа е за пофалба, за тие што платиле данок е за пофалба и за вас што ви се платени и платата и придонесите и персоналниот данок од плаќачите на данок“,
рече Ковачевски.
За случајот со фирмата пред околу две недели објави порталот „A1он“ наведувајќи дека сопругата на премирот влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која се јавува како една од петтемина сопственици. Компанијата, како што објави порталот, планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1,8 мегавати.