Интерната анализа „Кока-Кола“ не покажала никакви неправилности во производството или во производите
„Кока-Кола“ почна да повлекува од пијалаците низ продавниците во Хрватска откако неколку лица завршија во болница поради сомнеж за труење со газирани пијалаци, потврдија и хрватските медиуми.
Засега е потврдено дека само два случаи се поврзани со консумирање газирани пијалаци, еден во Загреб и еден во Риека.
Од „Кока-Кола“ посочија дека по неодамнешните настани, преземаат чекори за заштита на јавното здравје.

„Привремено повлекуваме една серија ’Кока-Кола Оригинален вкус’ 500 мл во пластична амбалажа (ПЕТ) од пазарот согласно усна одлука на Државниот инспекторат на Република Хрватска, серија производи ’Кока-Кола Оригинален вкус’, газиран безалкохолен пијалак, 500 ml PET произведен на 11 октомври 2023 година со рок на траење до 11 април 2024 година“,
соопштија од „Кока-Кола“ Хрватска.
Оттаму посочија дека иако нивната интерна анализа не покажала никакви неправилности во производството или во производите, сепак одлучиле да повлечат ограничени серии.
„Сепак, решивме и привремено да повлечеме две ограничени серии Romerquelle Emotion боровинка и калинка 330 ml во стаклена амбалажа до завршување на официјалната истрага. Станува збор за серии произведени на 27 мај 2023 година (со рок на траење до февруари 2024 година) и 22 јуни 2023 година (со рок на траење до март 2024 година)“,
посочија оттаму.
Велат дека продолжуваат да соработуваат со надлежните органи и преземаат конкретни активности за заштита на потрошувачите.
„Доколку имате производ со наведените датуми на производство, ве молиме контактирајте го нашиот Центар за потрошувачи преку е-пошта: [email protected] или на телефон: 0800 0455“,
објави „Кока-Кола“.
Инаку, хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) добил мостри од безалкохолни пијалаци кои биле доставени до Санитарната инспекција по извршениот увид во кафуле во Риека, каде што неодамна му се слошило на едно лице, а резултатите од анализата ќе бидат доставени до Државниот инспекторат.