Фејсбук-профилот на Ацка Станишева, меѓу другото, изобилува со објави на кои таа е фотографирана на партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од фотографиите на кои е означена се објавени од актуелниот пратеник во Собранието од оваа партија, Тони Јаревски
„Ројтерс“, во објава од 8 јули 2022 г., ја цитира Ацка Станишева како учесничка на антивладините протести против францускиот предлог, која рекла дека тоа не е европски, туку бугарски предлог и дека Владата не треба да го прифати
Ликот на „хероината на денот“, жената која денеска храбро влезе во дуел со премиерот Димитар Ковачевски додека тој пазареше во еден од скопските маркети, се совпаѓа со ликот на корисничка на Фејсбук со име Ацка Станишева.
А, фејсбук-профилот на Станишева, меѓу другото, изобилува со објави на кои таа е фотографирана на партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од фотографиите на кои е означена се објавени од актуелниот пратеник во Собранието од оваа партија, Тони Јаревски.
На профилот на Станишева има и објави во кои таа бара поддршка за политичка партија.
Една од нив датира од 2 октомври 2021 година. Објавена е портретна фотографија од Станишева, а на неа пишува „Гласајте за број 7“ – редниот број на советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ на гласачкото ливче за последните локални избори кои се одржаа на 17 октомври истата година.
Името Ацка Станишева се споменува и во решението на Општина Карпош од февруари 2013 година во кое е објавен составот на избирачки одбори за локалните избори кои се одржаа во март таа година.
Станишева била избрана за членка на избрачки одбор како претставник на ВМРО-ДПМНЕ на избирачкото место со број 2647.
Дополнителното интернет-пребарување на името Ацка Станишева не одведе и до статија на новинската агенција „Ројтерс“ од 8 јули 2022 година насловена како „Протести го блокираа главниот град на Северна Македонија поради Бугарија и компромисот со ЕУ“. Статијата е објавена за време на масовните протести против т.н. француски предлог кои се одржаа во Скопје во јули минатата година.
Иницијатори на протестите беа опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Делот од сторијата на „Ројтерс“ за антивладините протести во која се споменува името на Станишева, гласи:
„Против компромисниот договор е и демонстрантката Ацка Станишева, велејќи дека тоа не е европски, туку бугарски предлог. ‘Владата не треба да го прифати овој предлог’, изјави Станишева за ‘Ројтерс’“.
Случајно или не, Ацка Станишевска денеска околу 15 часот ја промени профилната фотографија на Фејсбук. Старата, на која се гледа нејзиниот лик, ја смени со нова, на која го нема ликот.
Ова е новата профилна слика на Станишева:
А на досегашната се гледаше и нејзиниот лик:
Приказната за храбрата пензионерка ги преплави денешните информативни изданија откако на претходно најавен настан на премиерот Ковачевски, за цените на производите во маркетите, сметките му ги „помати“ жена која во тоа време беше во истиот маркет. Премиерот сакаше пред медиумите да покаже дека се почитуваат одлуките за замрзнувањето на цените на одредени производи, но пензионерката му се пожали дека ограничувањата на цените се толку мали што не се ни забележувале, дека поради ниските примања граѓаните немаат пари за лекови и за основните трошоци.
„Цениве се до плафон. Со поевтинување два денари кај макароните и денар кај јајцата кои беа 99 денари – тоа не е мерка. Тоа ли е поевтинување? Многу тежок дојде животот. Не можеме ниту лекарства да купиме“,
му се пожали пензионерка на премиерот.
На ова, како оправдување за покачените цени, Ковачевски возврати оти поскапувањата се поради војната во Украина, а потоа ги наброја сите одлуки што Владата изминатиов период ги донесе во однос на замрзнување на дел од продуктите за, како што рече, да им се излезе во пресрет на граѓаните.