Инвеститорите веќе чекаат одобрение за идејните проекти за градба, а поднеле и барања за доокрупнување на дел од парцелите. Планираат да градат според стариот и важечки ДУП, во кој десетици згради се наредени една до друга, по што станаа познати како „наполитанки“
Градоначалникот тврди дека не се тактизира со обидите за стопирање на плановите што се на сила. Но, во меѓувреме, состојбата е во полза на инвеститорите
Закани со кривични пријави од градежните фирми и сопствениците на парцели кај фабриката „Треска“ го вознемирија Советот на Општина Центар кој повеќе од една година најавува конкурс за ново идејно решение.
„Ова во историја не било, вакво нешто да стигне до советот“,
реагираа советниците.
Повикувајќи се на важечкиот ДУП, инвеститорите сакаат да почнат да го градат она што го дозволиле претходните општински власти.
„Секогаш сме ние за компромис, ама компромисот е веќе помината работа“,
велат инвеститорите.
Градоначалникот, пак, тврди – има и време и механизми за решение.
–Изгубена ли е оваа битка за Треска и за Холидеј Ин?
„Па, ние ќе се бориме да не биде“,
вели Богдановиќ.

Распаднати погони, остатоци од мебел, слики од едно друго време сведочат за периодот кога тука функционираше фабриката „Треска“. Денес наликува на голема депонија, а оној што не ја знае, не би претпоставил дека овој простор е во срцето на Скопје.
Станува збор за повеќе од 62 илјади квадратни метри. Според последниот Детален урбанистички план, од 2012 година, тука треба да никнат 30 згради. Но, градење не беше можно неколку години, бидејќи просторот е дел од деталните планови кои Општината Центар ги стави под мораториум затоа што не се во согласност со Генералниот план за Скопје.

Општината не стигна да го „поправи“ планот, а Уставниот суд неодамна го укина мораториумот, па сега е отворен патот за градба. Додека инвеститорите чекаат одобренија за идејните проекти, локалната самоуправа ја турка идејата за нов план преку архитектонско-урбанистички конкурс.
Местото кај поранешната фабрика Треска е меѓу последните локации во центарот на Скопје, од толкав габарит, каде што се уште не почнало да се гради. Целта на распишувањето на јавен конкурс е да се најде компромис меѓу јавниот и приватниот интерес и да се воспостави нова пракса во урбанистичкото планирање.
Според анализите на општината, стариот ДУП, кој до скоро го опфаќаше и просторот кај Треска, отстапува од ГУП-от по разни параметри. Меѓу главните проблеми е што планот предвидува експанзија на згради и раст на бројот на жители, додека недостасуваат јавни површини и објекти како градинки, паркови, плоштади. Идејата е со јавниот конкурс, кај „Треска“, освен згради да се изградат и содржини од јавен интерес, за просторот да може да „дише“ и да не биде тесно грло на градот.
Но, процедурата за конкурсот повеќе од една година тапка во место, а на инвеститорите не им се чека.

Концентрацијата на советниците беше слаба на почетокот на минатонеделната седница на Советот на Општина Центар, на која се разговараше за доекипирањето на Комисијата која треба да го спроведе конкурсот за просторот кај Треска. Се се смени кога претседателката ги извести советниците дека пред седницата, за секој од нив лично, стигнала опомена пред тужба.
Испраќачи се инвеститорите и сопственици на парцелите кај „Треска“, кои се закануваат дека ќе ги гонат кривично советниците доколку распишат јавен конкурс.

„На овој начин ова адвокатско друштво ни прави притисок – што да правам дали да гласам или да не гласам“,
„Целта е притисок – сега ќе ве плашиме дека вие како советници лично ќе одговарате затоа што барате да ставите ред во планирањето кај Треска“
„Ова во историја не било, барем јас не се сеќавам, вакво нешто да стигне до советот“,
коментираа дел од советниците.
Советниците се договорија да испратат одговор до инвеститорите дека нивната закана е правно неиздржана и дека не отстапуваат од идејата за конкурс. Но, другата страна не мисли така.
„Сите ние толкуваме на некој начин притисок и закани. Не, тоа е исклучиво бранење на нашите права загарантирани со устав и со закон во оваа држава“,
вели Роберт Јакимовски, претставник на инвеститорите кај „Треска“.
Роберт Јакимовски од компанијата „Голден Арт“, кој вели дека зборува во име на сите сопственици на имот кај „Треска“, потенцира дека инвеститорите нема да дозволат конкурсот да помине. Се бранат со т.н. „стекнато право“, принцип што според нив забранува да се скрати еднаш дозволена висина и основа за градба на една градежна парцела во приватна сопственост.

Иако општината нема такви сознанија, инвеститорите тврдат дека кај „Треска“ има опасен материјал кој треба да се отстрани што е можно побрзо.
„На самата локација моментално поседуваме преку 50 000 квадрати површина под азбесни плочи, тоа е канцероген материјал, тоа е еколошка бомба во строгиот центар на градот и може да ни се случи еколошка катастрофа ако дојде недај Боже до пожар или не знам какви други непријатни ситуации. Tоа е интересот на сите нас, тоа е јавниот интерес да го расчистиме тој дел, да го урбанизираме и да го направиме похуман и поубав за живеење за сите граѓани во градот Скопје“,
вели Јакимовски.
Инвеститорите веќе чекаат одобрение за идејните проекти за градба, а поднеле и барања за доокрупнување на дел од парцелите. Планираат да градат според стариот и важечки Детален урбанистички план, во кој десетици згради се наредени една до друга, по што станаа познати како „наполитанки“.

Јакомовски, сепак, уверува дека ќе има отстапки и дека ќе водат сметка за хумано живеење.
„Ние како сопственици, инвеститори, самоиницијативно ги предвидуваме параметрите што ги налага новиот Закон за урбанистичко планирање. Паркирањето да го решиме во склоп на градежна парцела, зелената површина да не биде 5 отсто како што е предвидена по стариот ДУП, туку да биде преку 20 отсто, во склоп на самите парцели да уредиме зелени површини, дворни површини и се останато“,
вели тој.
Иницијаторите за распишување на конкурсно решение имаат поинаков став. Екс-претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Даница Павловска, чија иницијатива за јавен конкурс ја поддржаа повеќе институции и граѓански здруженија, во просторот кај „Треска“ гледа шанса за воспоставување нова зелена филозофија во уредувањето на градот.

„Се останато прави хаос, го поткрепува хаосот, ако не во сообраќајниот во инфраструктурниот систем, тогаш во квалитетот на домувањето, зеленилото…Ние сега имаме нови стандарди“
вели Павловска.
Ставовите на сопствениците дека не смее да се распишува конкурс за приватен имот, според Павловска, не држат вода.
„Таквото решение секогаш може да се спроведе, не е нешто што системот не го предвидува. Ние имаме јавни простори, јавни намени реализирани и на приватно земјиште кое, на одреден начин, се компензира. Значи, постои процес на експропријација, постојат и други процеси низ коишто едноставно се спроведува организацијата на градот“,
вели Павловска.
Инвеститорите, пак, велат дека дале шанса за компромис. Понудиле и предлог решение со кое зградите се проектирани поинаку, за да има повеќе простор за јавни и зелени површини. Но, бидејќи не наишле на разбирање, проектот не планираат да го предложат на евентуален конкурс, затоа што веќе не веруваат во процесот.

„Со факти и со аргументи до ден денеска јавно нема излезено општината дека ДУП-овите не се усогласени со ГУП-от. Имавме 3 години чекање кога беше под суспензија ДУП-от да се реши тоа, а нема решавање во делот на ДУП-от.. Имаме година дена поминато каде е актуелизирана темата конкурс за постоечката локацијата, исто немаме поместување од првичните разговори до денеска, немаме поместување ни милиметар во однос на тоа што треба да се решава“,
вели Јакимовски.
Зошто процедурите за измени на планот се влечат толку долго? Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, вината ја префрла на институциите кои одбиле да бидат дел од стручната комисија што треба да го спроведе конкурсот. На пример, Агенцијата за планирање на просторот одби да делегира претставници во Комисијата.
Според Богдановиќ, многу време се потрошило и откако од првичната Комисија отпаднаа претставниците на инвеститорите, откако Антикорупциската комисија предупреди на судир на интереси.
–Дали свесно се купува време?
–Еве, сега ја ве прашувам – дали Комисијата што треба да го спроведе конкурсот купува време, не го купуваме ние. Ние сме ги завршиле нашите обврски. Затоа и имав изјава пред ДКСК кога зборував – сите институции треба да се вклучат во решавање на овие проблеми. Вие имате донесени планови од претходно, коишто биле спротиставени и донесени после донесен ГУП, со параметри од стар ГУП и гледате никој не покренува ништо. Кажете ми каде има нешто? Само има некои најави, ама се стои. И сите викаат општината, општината е последна што може нешто да направи, и прави. И за тоа ќе бидете известени. Ама јас не можам да направам чекор со којшто утре ќе ја заглавам општината,
вели градоначалникот Саша Богдановиќ.

Градоначалникот тврди дека не се тактизира со обидите за стопирање на плановите што се на сила. Но, во меѓувреме, состојбата е во полза на инвеститорите.
–Додека не се распише конкурс вие сте должни да им одговорите на барањата.
Богдановиќ: Ќе им одговориме.
–Како? Ќе им дадете ли одобрение?
Богдановиќ: Си има одредени правила кои што мора да бидат испочитувани.
–Според стариот ДУП.
Богдановиќ: Без разлика дали е стар или нов план, има општи правила кои мора да бидат испочитувани, ако не се испочитувани нормално ќе добијат негативен одговор.
–Вие ќе гледате параметри од стариот спорен ДУП.
Богдановиќ: И да има нов ДУП и да има стар ДУП, дупот само ја исцртува намената и парцелата, во рамки на реализација на одредена парцела мора да ги испочитува некои услови коишто се пропишани согласно закон, ако не ги испочитува може он што сака да прави.
–Добро, ќе си ги испочитува согласно стариот ДУП.
Богдановиќ: Ќе видиме.
–Тие „наполитанки“ како што знаевте да ги наречете, ќе си ги проектира така како што си е во ДУП-от.
Богдановиќ: Добро ама, може има и други услови за да дојде до тоа, не зависи само од тоа така да дојдете да си испроектирате. Сме имале такви ситуации каде што цели постапки биле враќани од почеток дури и поништувани.

Една од можностите за „замрзнување“ или поништување на постапките е кај Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Aнтикорупциската комисија побара од обвинителството да утврди кривична одговорност за тоа што се дозволило за просторот кај Холидеј Ин да се донесе план што не е во согласност со ГУП-от. ДКСК најавува исти проверки и за локацијата кај „Треска“ – од процесот на оттуѓување на земјиштето до носење на планот. Но, ако не профункционира ниту еден механизам, прашање на време е кога ќе почне да се гради.
–Ќе се помирите ли дека оваа битка ја добија инвеститорите, на сила е стариот ДУП и дека таму ќе се гради тоа што е планирано со стариот?
Богдановиќ: Ќе ги исцрпиме сите правни механизми, кога ќе ги исцрпиме ќе дадам одговор.