Од Министерството за правда велат дека најголемата опозициска партија на средба во Собранието покажала интерес за измени на Изборниот законик за имплементација на препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но во одговорот не се споменува и интерес за изработка на комплетно нов закон, што ќе биде и една од главните задачи на работната група

Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, не номинирала свој претставник во работната група што ја формираше Министерството за правда за реформи на изборното законодавство кои ќе се однесуваат на примена на препораките од ОБСЕ/ОДИХР и за изработка на нов Изборен законик.
Во работната група ќе има претставници од партиите од владејачката коалиција: СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од опозициските партии претставници ќе имаат: Беса, Алтернатива, Левица и Демократскиот сојуз.
Од Министерството за правда очекуваат и ВМРО-ДПМНЕ да предложи член бидејќи, велат, покажале интерес.
„Очекуваме ВМРО-ДПМНЕ да предложат свој претставник со оглед на тоа што на средбата која неодамна се одржа во Собранието, на која присуствуваа министерот за правда Кренар Лога и координаторите на политичките партии, од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека тие се заинтересирани за измените на Изборниот законик кои се однесуваат на имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР“,
велат од Министерството за правда за „360 степени“.
Во работната група ќе членуваат и претставници од три министерства: МВР, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).
Застапени ќе бидат и Државната изборна комисија (ДИК) и Управниот суд, како и неколку други државни институции: Управата за водење матични книги (УВМК), Државниот завод за статистика (ДЗС) и Централниот регистар.
Исто така, свои членови ќе имаат и МОСТ, Цивил, Полио Плус, Националниот демократски институт, како и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ).
Министерството за правда претходно денеска соопшти дека работната група е формирана и на нејзино чело ќе биде адвокатот и експерт Александар Новаковски, кој е и поранешен претседател на ДИК.
Формирањето на оваа група од Министерството го најавија на почетокот на месецов кога јавно реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ одбива да номинира свој претставник и не одговара ниту позитивно ниту негативно на поканата да номинира свој претставник. За ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ од Министерството за правда тогаш рекоа дека ги известиле сите меѓународни фактори и организации.