Од СДСМ велат дека како партија на власт водат грижа за производството на струја и ја субвенционираат цената на електричната енергија што ја плаќаат граѓаните, додека од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека граѓаните живеат во сиромаштија и беда и Македонија има најскапа струја во Европа
Владејачката партија обвинува и дека за време на директорувањето на Мицкоски со ЕЛЕМ струјата била покачена за 100 отсто, иако немало никаква криза, а на светски берзи таа била и за 22 пати поевтина. ВМРО-ДПМНЕ, пак, вели дека нејзиниот лидер е пример за домаќинско работење
Енергетската и економската криза која се најавува за претстојната зима е доволна причина за нови партиски препукувања меѓу владејачкиот СДСМ и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. Од центрите за комуникации и на двете партии стигнуваат соопштенија со меѓусебни обвинувања. Од СДСМ велат дека како партија на власт водат грижа за производството на струја и ја субвенционираат цената на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, додека од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека граѓаните живеат во сиромаштија и беда и Македонија има најскапа струја во Европа.
Во пресрет на прогнозираната тешка зима, во услови на најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна, институциите предводени од СДСМ преземаат навремени и ефикасни политики против ударот на глобалната криза, се вели во партиското соопштение од владејачката партија.
„Со мерките се одржува стабилноста на домашната економија, енергетскиот сектор, производството на струја и силно се субвенционира цената на струјата за граѓаните. Приоритет на државата е да го заштити стандардот на граѓаните и семејните буџети. Се субвенционира и до 80 отсто цената на струјата за граѓаните, домашното производство е зголемено, а тука е и мерката за намалувањето на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто. Така, цената на електричната на енергија на регулираниот пазар кај нас е пет пати пониска во однос на пазарната цена на струјата – поради поддршката која државата ја дава за домаќинствата и дел од компаниите кои се мали потрошувачи. Затоа домаќинствата за сметките за струја плаќаат околу 20 отсто, а над 80 отсто од цената се субвенционира од страна на државата“,
додаваат од СДСМ.
Домашното производство на струја, велат од партијата, ќе ја обезбедува целата потребна енергија и максимално ќе се зголеми. Од почетокот на септември започнуваат задолженијата за штедење на електрична енергија во институциите, со кои секоја институција ќе ја намали потрошувачката на струја за најмалку 15 отсто.
„За непречено снабдување со струја и топлинска енергија Владата прогласи кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија“,
велат од СДСМ.
Во однос на цените на електричната енергија и обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека граѓаните сега плаќаат околу 32 отсто поскапа струја, од СДСМ велат дека во 2006 година, цените на електричната енергија на светските берзи биле за 22 пати пониски. Според официјалните документи просечната цена во 2006 година на увезена струја била 36,97 евра за мегават час.
„Токму во тој период, цената на струјата кај нас и токму од ВМРО-ДПМНЕ е зголемена за 100 отсто. Во 2006 годината, кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта цената на киловат електрична енергија изнесувала 2.95 денари по киловат час. Во 2017 кога ВМРО-ДПМНЕ оди во опозиција, цената на киловат час изнесува 4.95 денари што е речиси 100 отсто зголемување. Мицкоски во овој период беше директор на ЕЛЕМ и советник на Никола Груевски за енергетика. Тоа е учиникот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во енергетиката, 100 отсто поскапа струја за граѓаните во време кога немало никаква криза, ниту економска ниту глобална“,
обвинуваат од СДСМ.
Од СДСМ велат дека како како партија на власт ги имаат ограничено маржите, со што е спречено драстично зголемување на цените на храната, а со тоа и раст на инфлацијата.
„Од наредниот месец следува големо покачување на пензиите, според новата методологија на усогласување на пензиите со растот на трошоците за живот и на платите. Платите континуирано се зголемуваат. Според последните официјални податоци, просечната плата во јуни се искачи на 31.869 денари. Покачување на платите од септември ќе има во одбраната, полицијата, образованието и детската заштита“,
додаваат од СДСМ.
Исто така, од партијата нагласуваат дека се подготвуваат и нови антикризни мерки. Со ребалансот на Буџетот веќе се обезбедени 76 милиони евра за антикризни мерки кои што како пакет се подготвуваат за четвртиот квартал оваа година.
„СДСМ продолжува со реализација на мерки и политики кои имаат за цел заштита на животниот стандард и полесно справување на граѓаните и економијата со последиците од глобалната економска и енергетска криза“,
се нагласува во соопштението.
Додека власта се фали дека помага со трошоците за струја, опозицијата обвинува дека граѓаните живеат во сиромаштија и беда и Македонија има најскапа електрична енергија во Европа.
„Згора на тоа, наместо антимакедонската СДС и Ковачевски да им понудат помош на граѓаните, најавуваат ново покачување на струјата, што дополнително ќе удри по џебот на граѓаните. Владата и Ковачевски удираат и врз бизнис секторот. Секаде во светот бизнис-секторот се помага во време на криза од страна на државата, а само во Македонија со Ковачевски и антимакедонската СДС приватните компании се на удар. Нека каже антимакедонската СДС и Ковачевски што ќе преземе за состојбата во која ја донесен државата поради нивниот криминал“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека споредено со лани бизнис секторот сега плаќа и по 400 отсто поскапа струја односно двојно повеќе од фирмите од околните држави.
Во меѓусебните преписки од опозицијата им одговараат и на социјалдемократите во врска со обвинувањата дека додека партискиот лидер Мицкоски бил директор на ЕЛЕМ струјата била покачена за 100 отсто иако немало никаква криза, а на светски берзи таа била и за 22 пати поевтина.
„Чиста лага и извртување на факти е да се вели дека струјата е покачена за 100 отсто во време на претседателот Мицкоски во ЕЛЕМ. Откако претседателот е именуван за советник во владата за енергетика, во април 2015 година, па се до неговото разрешување како генерален директор на ЕЛЕМ во август 2017 година, струјата за граѓаните поевтинува од 4,47 денари за киловат-час на 4,45 денари или околу 0,5 отсто“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласуваат и дека кога Мицкоски заминал од директорската функција го оставил претпријатието со полна каса односно 30 милиони евра, додека сега, обвинува ВМРО-ДПМНЕ, компанијата има негативно салдо.
„Претседателот Мицкоски е пример дека со домаќинско работење цената на струјата може да се намали, и ЕЛЕМ да има позитивно салдо“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.