За голем дел од „атрактивните“ градоначалнички позиции на синоќешната седница на врвот на владејачкиот СДСМ не беа утврдени кандидати – чекор што ги подгрева информациите за жестока внатрепартиска битка
Иако не се најдоа на првата партиска листа од 30 кандидати која вчера ја објави лидерот Зоран Заев, дел од актуелните градоначалници на СДСМ во изјави на „360 степени“ велат дека очекуваат номинација за втор мандат на претстојните локални избори. Во првата група номинирани ги нема кандидатите за Центар, Карпош, Гази Баба, Куманово, Битола, Прилеп итн. Заев појасни дека се во тек дополнителни анкети за тоа кој е најпогоден кандидат за општините за кои нема обелоденето имиња. Кандидатите ќе се објавуваат етапно, уште на двапати, најави Заев, но до крајот на август ќе бидат познати сите.
Богдановиќ и Димитриевски чекаат номинација
Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, чиј мандат, меѓу другото, го одбележа несправувањето со урбанистичкото дивеење во најпрестижната општина и со хаосот со деталните урбанистички планови кои ги наследи, се надева дека матичната партија ќе му даде шанса „да истрча“ за уште еден мандат.
„Станува збор за централната општина и нормално дека партијата сака да си направи дополнителни анкети за да утврди кој од предложените кандидати е најдоброто решение. Претпоставувам дека намерата е да се види размислувањето на граѓаните за утре да биде чисто што е најдобриот избор. Во изминатиот период се покажа дека СДСМ ја ужива поддршката од граѓаните на Центар. Јас поднесов кандидатура и – да, очекувам номинација“,
вели Богдановиќ за „360 степени“.

Неофицијално, во игра за челната позиција во Центар се и Емилијан Станковиќ, кој е предложен од општинските одбори, како и Милена Стевановиќ, директорката на Инфективната клиника, која се споменува како фаворит. Кандидатура поднесе и претседателот на Општинската организација на СДСМ во Центар, Горан Герасимовски.
Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој во неколку наврати покажа различен став од партиското кормило, како на пример за време на пандемијата, или во однос на спорот со Бугарија, вели дека и тој очекува уште една кандидатура.
„Им посакувам успех на сите номинирани кандидати, верувам и очекувам дека партијата сè уште има капацитет да ги препознае и номинира кандидатите кои се фаворити на граѓаните на претстојните локални избори“,
кусо ни одговори Димитриевски.

Нему најсериозен ривал му е пратеникот Мартин Костовски кој, како што се шпекулира, ја ужива поддршката кај партиското раководство. Неодамна, во интервју за ТВ Плус од Куманово, Костовски истакна дека ќе му биде чест да ја води Општината, а во меѓувреме на својот Фејсбук профил објавува идеи и проекти кои, според него, му требаат на Куманово.
Богоев и Георгиевски не коментираат, Петровска не зборува зашто била тазе вакцинирана
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, не сака да ја коментира евентуалната негова номинација, иако поднел кандидатура. Тој, како член на Извршниот одбор на СДСМ, исто така, вели дека анкетите не се готови за сите општини.

Во комбинација за Карпош е и Душко Весковски, актуелен директор на скопски Водовод.
На нашето барање за коментар зошто не се најде на првата листа со потврдени кандидатури и дали очекува номинација, првиот човек на скопската општина Гази Баба кусо ни одговори:
„Нема потреба од коментари додека трае внатрепартиската постапка. Анкетите и јавното мислење се најбитни“,
вели Георгиевски.

Покрај Георгиевски, во битката за кандидат за Гази Баба, СДСМ го сондира ставот на членовите и симпатизерите и за Соња Глинчарска, Александар Димитриевиќ, Марко Георгиевски, Влатко Митовски, Дарио Николовски и Владимир Симоновски.
Коментар одби да даде и актуелната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска, која рече дека поради фактот што е тазе вакцинирана, не е во можност во моментов да дава изјави.

Од вчера објавените 30 кандидати за градоначалници, само две имиња се нови.
Меѓу кандидатите кои први добија партиско „зелено светло“ за трка по втор мандат се скопскиот градоначалник Петре Шилегов, градоначалниците на Кисела Вода и Бутел – Филип Темелковски и Велимир Смилевски, градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, градскиот татко на Охрид, Константин Георгиески, штипскиот актуелен градоначалник Сашко Николов…
Заев по вчерашната седница на Извршниот одбор кажа дека владејачкиот СДСМ етапно ќе ги објавува кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори. До крајот на август, освен комплетна листа на кандидати за градоначалници, најверојатно, ќе бидат познати и партиските кандидати за советници.
На новинарско прашање – што со општините каде се најжестоки внатрепартиските лобирања за тоа кој да биде градоначалник, како Куманово, Битола, Прилеп, Центар, Карпош, Заев вчера кажа дека има такви општински организации, но тоа го смета за „квалитатив“.
„Имаме такви општински организации, тоа е наш квалитатив помеѓу квалитетни кандидати, кои на првите анкети кои се завршени за едно Куманово, Центар, Битола, Прилеп, Карпош, Струмица, нашите кандидати – тројца како фаворити, ги победуваат сите потенцијални тројца најдобри од ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа е само причина да направиме дополнителни истражувања, рековме правиме и втора и трета анкета, затоа што ни се важни сите атрибути“,
рече Заев.