Актуелната заменик-претседателка на владејачката партија очекува повеќе кандидати за лидер, но и реизбор на сегашниот претседател, на претстојните внатрепартиски избори, во кои првпат, место делегати, ќе учествува целото членство
Актуелната потпретседателка на СДСМ Радмила Шекеринска верува дека ќе има повеќе кандидати за претседател на СДСМ на претстојните внатрепартиски избори кои првпат ќе бидат директни, со учество на целото членство.
Иако не се сомнева во реизбор на досегашниот партиски лидер и премиер Зоран Заев, Шекеринска, во вечерашното гостување на Телма, оцени дека со повеќе кандидати процесот ќе добие дополнителен квалитет.
„Се надевам дека ќе има противкандидати со што процесот ќе биде поквалитетен. Ако е само еден кандидат, тоа ќе ја намали важноста на процесот. Подобро е да имаме противкандидати, иако може нема да бидат фаворити, затоа што актуелниот претседател победи на локални избори, на парламентарни, на претседателски избори“
заклучи Шекеринска.
Раководството на СДСМ, минатиот месец, ја потврди одлуката за непосредни избори за претседател на партијата, со што се менува досегашниот модел за избор на челната партиска функција на конгрес, преку гласови на делегати.
Во СДСМ моментно е во тек постапка за ажурирање на членството во партијата, во функција на внатрепартиските избори што треба да се одржат следниот месец.
Ажурирајќи го своето членство, Заев најави дека на 21 март членовите на СДСМ ќе бираат лидер на партијата на директни внатрепартиски избори, што, како што оцени, е водство и пример што треба да се следи кога е во прашање македонската демократија.
Според Шекеринска, внатрепартиските непосредни избори за претседател на СДСМ е сериозен чекор кон уште поголема демократизација на партијата и пример што треба да го следат и другите партии.
„Ова е сосема нов концепт, чекор кон демократизација на партиите. Ако го демократизирате врвот на партиите многу полесно е демократискиот процес во државата да функционира. Ние прво направивме чекор за родова еднаквост на листите и потоа мораа да не следат и другите партии. Ова право ние ќе му го дадеме на секој член да избира, а од друга страна е концептот на ВМРО-ДПМНЕ кој не дозволува ниту свикување конгрес и затоа нашата опција ќе победи -и сега и во иднина. Претседателот ќе се избере на непосредни избори, а другите функции ќе се бираат на конгрес, “
рече Шекеринска.
Заев, два мандати е на чело на СДСМ. Првпат беше избран во 2013 година, по тогашните локални избори, кога партијата беше во опозиција, а тој беше градоначалник на Струмица. Вториот мандат го доби во 2017 година непосредно пред изборот на неговиот прв владин кабинет, по парламентарните избори во 2016 година.
Паралелно, и Шекеринска, во двата наврати, беше избрана за заменик-претседателка на СДСМ – функција што се избира на конгрес, а што првпат беше воведена во 2013 година.