Премиерот и лидер на СДСМ најави дека денеска и утре ќе има разговори и со Гаши и неговите колеги од Алтернатива и посакува позитивен исход, односно и тие да останат дел од владината коалиција. Утре, пак, според изјавата на Таравари, можно е да се финализира и договорот со Алијанса
Разговорите со Алијанса за Албанците за влез во Владата, според премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, имаат добар прогрес и во однос на програмските определби и на кадровското екипирање. Меѓутоа, сè уште нема финален договор, вклучително и за евентуалното преземање на новиот владин партнер на раководењето со УЈП и Царинската управа.
„Не биле проблем овие две институции, генерално и немало проблем бидејќи во такви институции се разговара за преземање одговорност врз основа на кадровскиот потенцијал со кој располага кој било коалициски партнер, но и врз основа на одговорност во делот на учеството во владиното мнозинство. Разговорите се водат навистина во добар дух и во атмосфера која е насочена кон постигнување договор, а со цел државата да има мнозинство во парламентот кое има единствен став во однос на интеграцијата на државата во ЕУ и придржувањето кон сите меѓународни норми за кои веќе сме пример во регионот“,
вели Ковачевски додавајќи дека на вакви конкретни прашања одговорите ќе бидат познати кога би се постигнал финален договор.
Алијанса, како што веќе се пишува, сака да го преземе раководењето со министерствата за правда и за здравство, со кои во моментов раководат кадри на СДСМ и на Алтернатива.
Финален договор, пак, според изјавата на лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, би можело да се очекува уште во текот на денот или евентуално утре.
Доколку дел од него бидат споменатите две министерски места, тоа би значело дека Алтернатива ќе отстапи едно од министерските места, а премиерот се надева дека ќе ја задржи и оваа партија на Илинденска бр. 2.
Денеска и утре, според неговата изјава, ќе се разговара и со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.
„Алтернатива е значаен партнер во Владата и имам исклучително мислење за сите наши коалициски партнери. Во текот на денешниот и утрешниот ден ќе има разговори и со Алтернатива, со господинот Гаши и неговите колеги. Јас се надевам дека ќе се постигне позитивен исход од тие разговори со цел сите заедно да може да продолжиме кон градење коалиција која се залага за европска Македонија и која ќе обезбеди влез на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година“,
изјави Ковачевски.