Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го повика Јавното обвинителство да постапи по материјал што МВР го доставил за Васко Ковачевски, актуелен директор на ЕСМ (Електрани на Северна Македонија). Министерот изнесе детали дека Ковачевски вршел изнуда од 250 000 врз фирма која добила тендер за ископ на јаловина во комбинатот, за истата да отстапи дел од договорот на друга фирма подизведувач.
Бидејќи уценувата фирма, според Чулев не прифатила, комбинатот еднострано го раскинал договорот. Последицата е тужба од 1 милион евра од правното лице до државната фирма, вели министерот.

„Се работи за сериозно прекршување на кривичниот законик од страна на Васко Ковачевски раководството на РЕК Битола, се работи за сериозна штета нанесена на буџетот на Македонија и РЕК Битола, како и на правното лице кое го добило тендерот. Од тие причини апелирам Јавното обвинителство да постапи по доказниот материјал доставени од МВР“,
ја пренесе ТВ Телма изјавата на Наќе Чулев дадена денеска во Битола.
Кривична и од Ковачевски за Чулев
Во врска со обвинувањата на министерот и прозивките од ВМРО-ДПМНЕ, не се основани обвинувњата за криминал и уцена, изјави денеска директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. Тој ги повика сите надлежни институции да постапат и да работат на случајот, а во интерес на вистината.
Жалам што Наќе Чулев е и министер за полиција и истражител и обвинител и судија. Но, истовремено и извршител на партиски агенди на Христијан Мицкоски.
Во неговите искази споменува реномирана фирма. Можеби, тоа е фирмата чиј основач или директор или сопственик е поранешен генерален директор на РЕК Битола во времето на ВМРО-ДПМНЕ и нивни истакнат партиски активист. Тоа е фирмата, којашто во тоа време, преку тендери заработи стотици милиони. За овие и другите работи, АД ЕСМ ќе излезе со официјални соопштенија и со пријави за сите сомнителни и коруптивни зделки.
изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
За изјавите на Наќе Чулев и кршењето на пресумпцијата на невиност и Ковачевски најавува кривична пријава до министерот.
Во РЕК има криминал само за избори?
Дека во РЕК се делат тендери на криминален начен, при што главна улога играат јавните набавки за ангажирање механизација од приватни фирми е тема стара веќе 10 години. На пример, уште во 2017 година, истражувањето на „360 степени“ покажа дека претходните раководства на Комбинатот во времето на ВМРО-ДПМНЕ плаќале далеку повисоки суми за ангажирање на приватни машини за разлика од тогашната актуелна година. Иако новото раководство на компанијата најавуваше дека и тие прават внатрешна истрага по која ќе бидат поднесени кривични пријави, јавноста никогаш нема слушнато за некаков епилог.
Главен извор за сите овие обвинувања е изнајмувањето машини за тековни активности во Комбинатот. Но, овие тендери не се било кои тендери, туку најскапите во државата. Годишно се одлеваат 20-тина милиони евра за таа намена, а кон средината на минатата деценија тие суми стигнуваа и до 50 милиони евра годишно.
Решението, актуелната власт го гледаше во набавка на сопствени машини за РЕК Битола, со што ќе прекине праксата за набавка од неколкуте приватни фирми кои располагаат со такви камиони и машини. По три години најави, таков тендер конечно беше распишан во декември и потоа пропадна поради основни грешки во тендерската документација.
Единствениот кој досега заработи казна затвор за тендерите во РЕК Битола е бизнисменот Сеад Кочан. Тој бесе правосилно осуден во предметот „Труст“ на СЈО за лажирање документација за тендер вреден 17 милиони евра.