Уставот предвидува вонредни избори да се одржат во период од 60 дена од самораспуштањето на парламентот, но никогаш досега изборите не биле одржани во најдолгиот можен рок
Педесет и еден ден, според пресметките на „360 степени“, е просечниот временски период од распуштање на парламентот до одржување избори за пратеници во последните десетина години во земјава. Од 2008 досега, граѓаните четирипати излегуваа на парламентарни избори кои беа вонредни, а на праг се и петтите по ред предвремени избори, или десетти од почетоците на плурализмот во државата.
Уставот предвидува вонредни парламентарни избори да се одржат во период од 60 дена од самораспуштањето на парламентот. Но никогаш досега изборите не биле одржани во најдолгиот можен рок. Во најкус можен рок од распуштањето на парламентот се одржаа првите вонредни избори – во 2008 година, по фијаското на Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт. Тогаш парламентот се распушти на 12 април, а изборите се одржаа на 1 јуни 2008 година, така што разликата меѓу двата датуми беше 49 дена.
Искуства
Следните вонредни избори за пратеници се одржаа на 5 јуни 2011 година, откако на 15 април се распушти Собранието, така што до денот на гласање останаа 51 ден. Потоа, во 2014 година, пратениците се самораспуштија на 5 март, за изборите да се одржат на 27 април, кога паралелно се одржуваше и втор круг од петтите претседателски избори во земјава, што би значело, исто така, разлика од 51 ден.
Најдолг период досега од распуштањето на парламентот до одржувањето на изборите имаше на последните парламентарни избори во 2016 година, кои беа своевидно финале на големата политичка криза во земјава, така што нивниот датум беше одложуван во неколку наврати. Последното распуштање на парламентот беше на 17 октомври 2016 година, а изборите конечно се одржаа на 11 декември, така што тогашната прва техничка влада остана на функцијата многу подолго од планираните сто дена. Кабинетот на Емил Димитриев првпат беше избран во јануари 2016 година, а тој замина од „Илинденска“ дури во јуни 2017 година.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера ја врати на сцена полемиката околу датумот кога може да се распушти овој парламентарен состав, за изборите да може да се одржат на 12 април годинава. Според Заев, изборите би можеле да се одржат во период од 45 до 60 дена од распуштањето на парламентот. Во таков случај, последниот термин за распуштање на Собранието би бил 27 февруари. Првиот можен термин, пак, е 12 февруари, односно во четврток следната седмица, за кога спикерот Талат Џафери, планира да ја свика последната седница (за самораспуштање) на оваа собраниска гарнитура.
Разлики
За разлика од Заев, Џафери смета дека не треба да се отстапува од најдолгиот рок од 60 дена. Во изјава за „360 степени“, Џафери посочи дека би можел да направи отстапка до 51 ден (што би значело околу 21 овој месец) од распуштање на парламентот до одржување на изборите, но само ако има договор меѓу парламентарните партии за тоа кога точно би бил донесен законот за јавното обвинителство и евентуално неколку други закони што се сметаат за клучни пред распишувањето на изборите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вели дека датумите и за распуштање на парламентот и за одржување на изборите се затворено прашање и не се поврзани со законот за ЈО.
Навестувањата на Заев за можно одложување на распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите наметнаа сомневања и за можно одложување на изборите, иако лидерот на СДСМ изјави дека останува терминот за гласање на 12 април. Техничкиот премиер Оливер Спасовски, пак, изјави синоќа дека верува дека изборите ќе се одржат во терминот што беше договорен на лидерската средба во октомври, ама и нивното евентуално одложување би било за еден или два месеци.
Претстојните избори се први предвремени што беа договорени во период на владеење на социјалдемократите, кои се до француското „не“ на Самитот на ЕУ во Брисел, се залагаа овој парламентарен состав да функционира до редовниот термин за избори, кој, пак, би почнал да тече од од септември годинава. Изборите што се договорени за 12 април спикерот Џафери треба да ги распише веднаш по распуштањето на парламентот. Од распишување на изборите почнуваат да течат сите рокови за спроведување на изборните дејствија, за што ДИК треба да објави роковник. Но, од тој момент, почнуваат и забраните и ограничувањата за државните институции и компании за нови вработувања, унапредувања или за доделување субвенции и почнување инвестиции.