Актуелниот министер за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, кого довчерашниот канцелар Себастијан Курц го предложи за нов шеф на австриската влада, се смета за врвен дипломат кој може да ги смири страстите во владејачката коалиција
Шаленберг во јули даде интервју за „360 степени“ во кое отворено зборуваше за залагањето на Австрија – Северна Македонија и Албанија што поскоро да ги почнат преговорите за членство во ЕУ
Александер Шаленберг, кој доаѓа на чело на австриската влада по оставката на Себастијан Курц, во своите животни планови ја немал ни позицијата шеф на дипломатија, како што кажа неколку пати, а сигурно не ни сонувал да биде канцелар, анализира РТС.
Овој дипломат имаше неверојатна кариера во последните години, иако, како што кажа во неколку наврати, тоа не го посакувал.
Шаленберг досега не се занимаваше со дневна политика, но во неколку наврати покажа дека им припаѓа на „тврдокорните“ во однос на политиката кон мигрантите.
Тој го привлече вниманието на јавноста пред неколку месеци со подигнување на израелското знаме во седиштето на министерството со кое раководи, како реакција на нападите врз израелските градови.

Шаленберг не е член на Народната партија на Австрија (ОВП), на чиј предлог стана дел од владата.
Каков татко – таков син
Тој, на некој начин, беше предодреден да стане дипломат. Неговиот татко беше австриски амбасадор во неколку земји, а подоцна и генерален секретар на Министерството за надворешни работи.
Порасна во Индија, Шпанија и Франција, а е роден во Берн. Студирал право во Виена и Париз, а потоа европско право на Европскиот колеџ во Бриж.
Првото дипломатско искуство го стекна служејќи во правниот оддел на Мисијата на Австрија во ЕУ, а по враќањето стана портпарол на поранешната министерка за надворешни работи, Урсула Пласник, подоцна и на нејзиниот наследник Михаел Шпинделегер, кој се смета за сива еминенција во ОВП.
Кога Себастијан Курц стана министер за надворешни работи го промовираше за шеф на Одделот за планирање на надворешната политика.
Курц сметаше на него во преговорите за формирање коалиција по изборите во 2017 година, па го повлече во неговата канцеларија на позицијата началник на штабот за стратегии и планирање.
Шаленберг дојде на функцијата министер по падот на првата влада на Курц, по аферата „Ибица“, во која „се сопна“ тогашниот коалициски партнер Партијата на слободата.
Тој го зазеде местото на шеф на дипломатијата во експертската преодна влада и остана на таа позиција и по формирањето на новата влада „Курц 2“, овојпат со Зелените.
Шаленберг сега ќе мора официјално да го преземе кормилото и да го примени своето дипломатско искуство во секојдневната работа со коалицискиот партнер.
Кога станува збор за Западен Балкан, Шаленберг е јасно на позицијата за проширување на ЕУ. Тој во неколку наврати оваа година рече дека „2021 г. не смее да биде изгубена, како и претходната година во однос на пристапот на Западен Балкан кон ЕУ“. Како и Курц, и новиот канцелар го гледа Западен Балкан како непосреден сосед, чија интеграција во ЕУ ќе донесе стабилност и безбедност во Европа.
Како канцелар, се очекува дека ќе продолжи да се залага за проширување на ЕУ, со инсистирање да се исполнат условите од двете страни.
Интервју за „360 степени“: Вие не сте заден двор на ЕУ
Во интервјуто што го даде за „360 степени“ во јули оваа година, Шаленберг оцени дека Западен Балкан е најевропскиот регион и дека на него не треба да се гледа како заден двор, туку како трем.
„Ние, зборувам во име на Австрија, сакаме да почнеме пристапни разговори со Северна Македонија и со Албанија, сметаме дека веќе се доцни – тоа требаше досега да го направиме и постојано работиме на ова прашање. Како што секогаш велам, овде не станува збор за европски заден двор, како што некои го гледаат, туку за европски трем, овој регион е опкружен од земји членки на ЕУ, нема регион што е поевропски од Западен Балкан, а ние Австријците имаме многу тесни врски – емотивни, човечки, економски, политички и оттука би било најприородно да ве имаме вас како партнери и полноправни членки на ЕУ“,
изјави Шаленберг во таа пригода.
