Вработени во државни институции и во старечки домови и здравствени работници се дел од категориите за кои некои држави одлучија да ја направат вакцината задолжителна
Зголемувањето на бројот на заразени ширум светот по појавата на делта-сојот на коронавирусот ги натера дел од владите во светот да воведат задолжителна вакцинација за одредени групи, како што се здравствените работници или некои ризични категории граѓани.
Се поголем е и бројот на земји кои најавуваат дека ќе воведат рестрикции за невакцинираните, односно ќе бараат потврда за вакцинација или за негативен тест дури и за седење во ресторан.
Новинската агенција „Ројтерс“ во анализа наведува 15 земји кои досега воведоа или најавија дека ќе воведат задолжителна вакцинација за одредена категорија граѓани. Листата засега изгледа вака:
АВСТРАЛИЈА
Австралија на крајот на јуни одлучи вакцинацијата да биде задолжителна за здравствените работници кои се грижат за возрасните лица, како и за вработените во хотелите кои се користат за карантин. Исто така, властите одлучија и дека параолимпијците кои заминуваат за Токио мора да се вакцинираат бидејќи невакцинираните членови на спортските тимови може да претставуваат ризик по здравјето.
АНГЛИЈА
Од октомври во Англија е најавено дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за вработените во домовите за стари лица.
ФРАНЦИЈА
Франција воведува задолжителна вакцинација за сите здравствени работници. Според мерките кои ги најави Макрон пред десетина дена, ќе се бара сертификат за вакцина или негативен тест и за сите кои сакаат да влезат во кино или да се возат со воз.
ГРЦИЈА
Грчките власти им дадоа рок на вработените во домовите за стари лица до 16 август да се вакцинираат, а во спротивно најавија дека ќе бидат суспендирани од работа. Од септември оваа обврска ќе се однесува и на здравствените работници. Дел од мерките кои се воведоа во Грција опфаќаат и дозволи за влез во затворените делови во рестораните и баровите, во киносалите, театрите и во сите затворени објекти, само за оние кои се вакцинирани.
ИНДОНЕЗИЈА
Индонезија, пишува „Ројтерс“, во февруари ја направи вакцинацијата задолжителна, а во главниот град Џакарта предвидена е казна од 357 долари за оние кои ќе одбијат да се вакцинираат.
ИТАЛИЈА
Италијанските власти исто така ја направија вакцинацијата задолжителна за здравствените работници, вклучувајќи ги и фармацевтите. Оние кои нема да се вакцинираат, пак, може да бидат суспендирани од работа.
КАЗАХСТАН
Министерството за здравство на Казахстан на 23 јуни најави дека ќе воведе задолжителна вакцинација или тестирање на неделно ниво за сите кои работат со групи поголеми од 20 лица.
УНГАРИЈА
Пред една недела, унгарскиот премиер, Виктор Орбан, најави дека Владата ќе ја направи вакцинацијата задолжителна за здравствените работници.
МАЛТА
Малта од 14 јули ги спушти границите за невакцинираните што значи дека во оваа држава може да влезат само оние кои се целосно вакцинирани.
ПОЛСКА
Полските власти може да ја направат вакцината задолжителна за високоризичните категории. Ваква мерка би може да се воведе од август.
РУСИЈА
Градските власти во Москва претставија план според кој 60 проценти од вработените во секторите кои се занимаваат со услужна дејност ќе бидат вакцинирани до 15 август, пишува „Москва тајмс“, пренесува „Ројтерс“. Од друга страна, жителите на главниот град од 19 јули повеќе не мора да покажуваат сертификат за вакцинација при влез во ресторан или бар.
САУДИСКА АРАБИЈА
Властите во Саудиска Арабија во мај најавија дека сите вработени во јавниот и приватниот сектор ќе треба да имаат потврда за вакцинација, но не прецизираа датум кога ваквата мерка ќе стапи на сила.
Од 1 август потврда за вакцинација ќе биде потребна и за влез во кои било владини, приватни или образовни институции, како и за користење на јавниот превоз. Државната новинска агенција „СПА“, пак, повикувајќи се на извори од власта најави дека од 9 август граѓаните ќе треба да бидат вакцинирани со две дози и ако сакаат да патуваат надвор од земјата.
ТУРКМЕНИСТАН
Министерството за здравство на Туркменистан на 7 јули објави дека вакцинацијата станува задолжителна за сите граѓани над 18 години.
САД
Во текот на денешниот ден се очекува претседателот Џо Бајден да објави дека сите вработени во институциите на федералната влада ќе треба да видат вакцинирани или редовно да се тестираат.
Државата Њујорк од 6 септември ќе бара задолжителна вакцинација или тестирање на неделно ниво за вработените во државните институции. И Калифорнија од 2 август ќе им бара на сите државни службеници потврда за вакцинација или негативен тест барем еднаш неделно.
КАНАДА
Канада размислува да воведе задолжителна вакцинација за вработени во одредени владини институции.