Четворица опозициски пратеници не биле присутни на денешната свечена седница, а двајца воопшто не гласале
Недостигаа само шест гласа, за денеска Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор да помине со „тотално“ мнозинство од вкупно 120 пратеници колју што брои македонското Собрание.
Во „предвременото заверување“ на членството на Северна Македонија со свои гласови учествуваа пратеници од сите парламентарни партии. Но, за шестмина пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во листихгот од денешното гласање, стои дека не гласале или дека не биле присутни на свечената седница.
Станува збор за пратениците Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, која е дел од Колаицијата на ВМРО-ДПМНЕ; Васил Пишев од Струмица, како и пратениците Крсто Јовановски и Борис Змејковски – некогашен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. За овие четворица стои дека не биле присутни на чинот на гласање. За пратениците Зоран Илиоски и Зоран Ѓорѓиевски стои дека не гласале.
Собранието денеска, на свечена седница, го усвои Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој ќе стапи на сила откако и Шпанија ќе го ратификува Протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО како 30. земја-членка. На седницата беа присутни претставници на Парламентарното собрание на НАТО и на парламентите на земји-членки на Алијансата од регионот. Меѓу гостите во парламентот беа и лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Беше присутен и поранешниот претседател на парламентот Тито Петковски, ама меѓу присутните не беа забележани поранешните претседатели на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, кои се дел од државниот протокол и за кои спикерот Талат Џафери, на последниот брифинг со новинари најави дека ќе бидат поканети.