Павлина Црвенковска, поранешна советничка во Владата (2004-2006 г.), досегашниот омбудсман Иџет Мемети и поранешниот заменик-народен правобранител Љупчо Ивановски влегуваа во советите преку кои оди изборот на судии и обвинители
Иџет Мемети и Љупчо Ивановски, кои во средата беа избрани за членови на Советот на јавни обвинители, денеска ќе дадат свечени изјави во Собранието и ќе ги преземат новите функции.
Свечена изјава претпладнево ќе даде и Павлина Црвенковска, која, исто така, во средата беше избрана за член на Судскиот совет.
Црвенковска (58) влегува во Судскиот совет како судски советник во Апелацискиот суд во Скопје, каде што работи од 2006 година. Претходно, Црвенковска беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски, додека тој беше на чело на Владата – на СДСМ и на ДУИ (2004 – 2006 година) и министер за одбрана (2002 – 2004 година).
Во Собранието тивко помина номинацијата за член на Советот на јавни обвинители на Иџет Мемети (59), досегашниот народен правобранител, во два мандати, односно во периодот од 2004 година. За неговиот избор на новата функција гласаа 61 пратеник, што е неопходниот минимум, откако Мемети бил утврден како кандидат во Комисијата за избори и именувања.
Пред да стане омбудсман, Мемети беше министер за правда во периодот на широката владејачка коалиција, за време и по воениот конфликт во 2001 година. Во 2003 година, тој е повторно избран за министер за правда, во првата Влада на СДСМ и на ДУИ, а во меѓувреме краток период беше член на Уставниот суд.
Кон крајот на минатиот месец, Собранието распиша оглас за избор на нов народен правобранител, еден месец пред истекот на вториот мандат на Мемети, по што тој премина на нова функција пред да биде избран неговиот наследник на позицијата омбудсман.
Љупчо Ивановски (62), вториот нов член на Советот на јавни обвинители, е адвокат од Скопје. Но, според неговата биографија доставена до Собранието, и тој има искуство во канцеларијата на омбудсманот, пред и во првите години откако Мемети беше избран за народен правобранител.
Поточно, во 1997 година, Ивановски е избран за заменик-народен правобранител – позиција на која останува до 2006 година.
Во периодот од 1984 до 1993 година, Ивановски работел во скопското обвинителство.