Поранешната пратеничка на СДСМ, Славица Грковска, според информации на „360 степени“, е кандидатка за вицепремиерка за борба против корупција, додека досегашниот носител на оваа функција, Љупчо Николовски, се враќа во Министерството за земјоделство
Централниот одбор на СДСМ вечерва треба да ги одобри предлозите за нови и старо-нови министри во владата на новиот партиски лидер Димитар Ковачевски, пред тие да бидат доставени до Собранието.
Според информации на „360 степени“, се очекува од Владата да заминат сите досегашни министерки и на нивно место да дојдат нови. Во владата на Ковачевски, за разлика од досегашниот кабинет на Зоран Заев, се очекува да има и жена вицепремиерка, и тоа за борба против корупцијата. „360 степени“ дознава дека кандидатка за таа позиција е поранешната пратеничка на СДСМ, Славица Грковска. Љупчо Николовски, пак, кој досега беше на оваа функција, која беше воспоставена по парламентарните избори во 2020 година, според информациите, се враќа на чело на Министерството за земјоделство, каде што беше министер во првата влада на Заев.
Николовски до скоро беше и генерален секретар на СДСМ, така што во јавноста имаше повеќе забелешки за тоа дека носителот на првата оперативна функција во владејачката партија истовремено е и член на владиниот кабинет, и тоа на позиција која му овозможува главна улога во креирањето на кадровските политики, а откако беше сменет и членот од партискиот Статут кој до скоро не дозволуваше генералниот секретар да учествува во извршната власт.
Ново име се очекува и на чело на Министерството за труд и социјална политика. На местото на Јагода Шахпаска би дошла Јована Тренчевска, која сега е директорка на Државниот инспекторат за труд. Со тоа СДСМ би ја задржал оваа министерска позиција што претходно им ја понуди на коалициските партнери од НСДП за пратеничката Соња Мираковска. Меѓутоа, од НСДП не се согласија да „трампат“ пратеничко за министерско место, така што најверојатно остануваат со двајца пратеници, а без свој член во Владата.
На чело на Министерството за одбрана, од каде што Радмила Шекеринска сама најави повлекување, пак, би дошла пратеничката Славјанка Петровска, која беше заменик-министерка за внатрешни работи во техничката влада пред предвремените парламентарни избори во 2020 година. За министерка за култура, пак, би била предложена пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од Битола, која на последната седница на Централниот одбор на СДСМ беше избрана за нова потпретседателка на партијата. Таа би дошла на местото на досегашната министерка за култура Ирена Стефоска.
Своите позиции во Владата се очекува да ги задржат досегашните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски – Оливер Спасовски, кој неодамна се повлече од потпретседателското место во СДСМ и Благој Бочварски, кој порано исто така беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип. Реизбраниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, останува вицепремиер за економија.
Од позициите што СДСМ ги има во Владата и натаму најголема енигма е идниот министер за правда, по најавите дека Бојан Маричиќ, кој остана секретар на СДСМ за меѓународна соработка, заминува како вицепремиер во Секретаријатот за европски прашања. Всушност, идниот министер за правда останува најголема непозната. За таму се најавува дека Ковачевски избрал личност надвор од универзитетските кругови, кој не е партиско решение.
Според најавите, по вечерашната седница на ЦО на СДСМ, Ковачевски уште утре би можел да ги достави до Собранието предлозите за нови министри и програмата за работа на неговиот кабинет. Како што се најавува, собраниската седница за избор на новата влада се планира да се одржи наредниот викенд, на 15 и на 16 јануари. Така, кабинетот на Ковачевски би ја презел должност в понеделник на 17 јануари, а веќе следниот ден би имал средба со новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој доаѓа во Скопје.