Забраната за групирање на повеќе од четири лица во текот на целиот ден, цела седмица, на јавен простор беше донесена во понеделникот на владина седница, а од неа има и неколку исклучоци.
Исклучоците денеска ги објавија од Владата, а меѓу нив се и автобуските постојки, наставата на отворено, спортските натпревари.
Листата на исклучоци од забраната за групирање во продолжение ја објавуваме интегрално:
- За родители со деца од исто семејство;
- При организирање настава на отворено, како дел од формалното образование во образовните институции и установи за згрижување на деца;
- При чекање на постојка за превоз на патници;
- При професионални спортски тренинзи и натпревари;
- При организирање и одржување на службени собири (состаноци, работилници, обуки, конференции, седници и сл.), кои се неопходни за да се обезбеди континуирано работење на институциите, деловните субјекти и други организации;
- При вршење работни задачи од вработени лица во есенцијални служби како полиција, војска, противпожарна служба, обезбедување, здравство и слично;
- За лица затекнати во вршење работни задачи при давање прва помош во животно – загрозувачки состојби;
- При пристапување на економски оператори во нивните капацитети, простории/објекти заради добивање услуга, чекање во ред пред оператор и слично, со одржување на дозволеното минимално растојание од најмалку 1,5 до 2 метри при добивање на услугата;
- За вршење на други активности кои се утврдени и се одвиваат со задолжително почитување на времените мерки, наредените мерки и наменските протоколи, планови и алгоритми (https://vlada.mk/protokoli-koronavirus) за постапување согласно оваа Одлука.