Ако се погледне историјатот на фирмата за која се истражува дали депонирала нестерилизиран медицински оптад во „Дрисла““, може да се забележи дека фирмата има направено промени во сопственичката структура една недела по контролата од градскиот инспектор, како и дека учествувала на повеќе тендери
По обелоденувањето на случајот со несвесното третирање на медицински отпад од страна на битолска фирма, кој потоа завршувал во „Дрисла“, Град Скопје и обвинителството со различни ставови за тоа дали покрај изјавата на инспекторот биле доставени и други материјални докази.

Откако вчера градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, го прозва обвинителството, посочувајќи дека 50-ина дена по пријавата нема информации што се случува, оттаму во одговорот тврдат дека првичната пријава од инспекторот била без материјални докази, па тие издале наредби за да се проверат наводите.
„До Основното јавно обвинителство Скопје на 13.12.2019 година физичко лице поднесе кривична пријава за настан што се случил на 10.12.2019 година кога лицето забележало непрописно уништување медицински отпад од страна на наведената фирма. Со оглед на тоа што пријавата не беше поткрепена со други материјални докази, надлежниот јавен обвинител веднаш истиот ден по приемот на кривичната пријава издаде наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за утврдување на фактите и за проверка на наводите во пријавата. По приемот на известувањето, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошно постапување во предметот. Со оглед на тоа што предметот се наоѓа во предистражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје и надлежниот јавен обвинител во моментов не се во можност да споделат повеќе детали“,
пишува во одговорот што вчера попладне ни го испратија од обвинителството.
Од друга страна, пак, од Град Скопје и денеска тврдат дека ги доставиле и фотографиите и видеоматеријалите дента кога била поднесена пријавата на 13.12.2019.

Станува збор за снимката и фотографиите што вчера Шилегов и главниот градски инспектор Мирослав Богдановски ги презентираа пред новинарите. Тие посочија дека контролата била направена бидејќи имало многу дојави од граѓани дека во кругот на фирмата подолго време се случува нешто сомнително, оти се шири непријатен мирис и дека отпадот не се третира соодветно. Во прашање е фирма регистрирана во Битола, со назив „Еко клуб“, која има подружница во Скопје.
Од снимките и фотографиите се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар. Станува збор, според кажувањата на Шилегов и Богдановски, за медицински отпад од Прилеп и Битола. Дали и колку време несоодветно се третирал и друг отпад, Градот нема информации.

Имено, според објаснувањето од градоначалникот и инспекторот, во конкретниот случај фирмата наместо отпадот да го стерилизира и исчисти од бактерии, а потоа специјално запакуван да го носи во „Дрисла“, таа само го дробела во машината и со камион потоа го носела како обичен отпад.
Покрај тоа што Шилегов рече дека немаат информации од обвинителството, сподели и сознанија дека сторителот се покрива со документација од друга надлежна институција.
Фирмата „Еко клуб“ за 12 месеци има повеќе договори за медицински отпад
Битолската фирма „Еко клуб“, која има подружница и во Скопје, во текот на минатата година до „Дрисла“ транспортирала 4 700 килограми медицински отпад, а само во јануари, како што вели градоначалникот Петре Шилегов, откако Градот Скопје располага со материјали за неправилности во работењето, транспортирала 1 900 килограми.
Раководителот на секторот за инспекциски надзор во животната средина и природата Хисни Тачи, денеска имаше изјава дека во оваа фирма не биле утврдени неправилности. Последниот надзор во посочената фирма, според него, е спроведен во декември и дента кога е вршена контролата, а направена била по објавени информации во медиумите, не е констатирана неправилност во работењето.
Во јавноста веќе е познато дека како еден од сопствениците на фирмата се јавува бизнисменот Сашо Јанакиевски, кој околу осум години е почесен конзул на Унгарија. Тој во изјава за порталот СДК.мк не сакал да го коментира случајот бидејќи, како што рекол, повеќе не е мнозински сопственик, односно дека сега сопственик на 60 проценти од фирмата е германска компанија, која деновиве ќе имала прес-конференција и ќе ја разјаснела состојбата.

Според податоците за сопственоста на „Еко клуб“, фирмата има два сопственици. Едниот е Јанакиевски, а друг сопственик е фирмата „РЕМОНДИС Медисон ГМБХ“. Оваа фирма како сопственик на „Еко клуб“ се впишува на 19 декември 2019 односно една недела откако градскиот инспектор упадна во контрола во подружницата во Скопје.
Со промената во сопственичката структура, се прави промена и на овластеното лице. Дотогаш бил Сашо Јанакиевски, а од 19 декември е извесен Том Верикен.
Ако се погледне историјатот на фирмата, може да се забележи дека таа учествувала на тендери и има склучено 55 договори во последните 12 месеци. Повеќето се со здравствени установи ширум земјата и се однесуваат на собирање, транспорт и уништување на медицинскиот отпад.
За отпадот кој можеше да се види на фотографиите и снимката презентирани вчера, Шилегов посочи дека се од медицински установи во Прилеп и Битола.
Историјатот на склучени договори на „Еко клуб“, покажува дека со Општата болница во Прилеп фирмата последен пат склучила договор на 22 јули лани, кој бил објавен на 20 септември 2019. Тој е за „собирање, транспорт и уништување на медицински отпад“ и е во вредност од околу 2 милиони денари (околу 32 000 евра). Во последните 12 месеци има и договор со Здравствениот дом Битола кој се однесува на „третман на медицински отпад“, објавен е во август лани, а вредноста без ДДВ е 155 400 денари (околу 2 500 евра). Со Клиничката болница Битола пак, има договор за „набавка на услуги за подигање на медицински отпад“, склучен исто така во август чија вредност без ДДВ е околу 2,2 милиони денари (околу 35 000 евра).
Помеѓу „потешките“ договори склучени во последните 12 месеци, пак, се и со Медицинскиот факултет во Скопје за „подигање, транспортирање и согорување на медицински отпад за период од 2 години“. Овој глас е објавен на 24 јануари годинава и вредноста исто така му е околу 2,2 милиони денари.
„Еко клуб“ има договор и со градската општа болница „8-ми Септември“ од Скопје. Објавен е на 17 декември 2019, се однесува на „собирање и транспорт на медицински отпад“, а е во висина од 4,6 милиони денари (околу 146 000 евра) без ДДВ.
Договори што се однесуваат на медицински отпад во последната година оваа фирма има потпишано и со медицинските установи од повеќе градови, како Кичево, Струмица, Валандово, Вевчани, Берово, Ресен, Велес, Куманово, Охрид и др.
Сепак, највисоките догвовори кои ги потпишала фирмата не се однесуваат на медицински отпад. Така, на пример, со Јавното претпријатие за државни патишта, во јули лани бил склучен договор за комунални услуги во времетраење од две години чија вредност без ДДВ е 10 милиони денари (163.000 евра). Има и договор за одржување на хигиена, хортикултурно уредување, сечење дрва, кастрење гранки во кругот на комплекс клиники „Мајка Тереза“ – Скопје кој е склучен во јануари годинава и чија вредност е околу 7 милиони денари (115.000 евра).
Унгарскиот конзул, Сашо Јанакиевски, покрај во фирмата „Еко клуб“, се јавува и како сопственик во „Еко клуб плус“. Таму со него сопственици се и Бојан Јанакиевски и Елизабета Јанакиеска, која е и управителка на фирмата.
И оваа фирма има договори добиени преку тендери – десетина, но тие не се однесуваат на медицински отпад, туку на други еколошки и комунални услуги. Така, на пример, со Јавното претпријатие „Исар“ од Штип од јануари годинава има договор за отпушување на фекална канализација (вреден 590 000 денари или околу 10 000 евра), истиот месец има и договор со РЕК „Битола“ за чистење канализации (вреден 4,2 милиони денари или околу 68.000 евра), со Службата за општи и заеднички работи на Владата лани летото, пак, бил склучен договор за изнајмување на мобилни тоалети (околу 120.000 денари или 2 000 евра без ДДВ).
Политичките партии со меѓусебни обвинувања
По вчерашната прес-конференција, случајот веднаш доби и политичка димензија. Од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Петре Шилегов, од министерот за здравство Венко Филипче и од заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

„Скандалозно однесување на градоначалникот Петре Шилегов, општинските инспекции, служби, државната инспекција и депонијата ‘Дрисла’ излезе на виделина. Каде е Филипче, но и сите надлежни да одговорат за овој случај? Каде е Јани Макрадули, кој наместо да парадира по настани треба суштински да дејствува? Филипче ги знае ли воопшто протоколите за уништување на медицински отпад? Филипче знаеш ли воопшто каде завршува тој медицински отпад? Господине Макрадули, што прават инспекциите од Министерството за животна средина, зошто не се штити животната средина и здравјето на граѓаните?“,
праша Марија Андоновска на прес-конференција.
Ова е скандал, рече таа, и на Шилегов, на инспекциските служби и на „Дрисла“.
„Шилегов, Вие го водите градот трета година по ред, како тоа не знаете каде завршува медицинскиот отпад?! Како тоа при вонреден надзор е откриен случајот во декември?! Шилегов, сега е февруари! Но, не само што е февруари, што се случува во ‘Дрисла’, што прават во ‘Дрисла’, знаат ли надлежните со што воопшто работат?“, рече Андоновска.
Од СДСМ, пак, последен се огласи лидерот и доскорашен премиер, Зоран Заев, кој ја прозва ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи на поврзаност со фирмата „Еко клуб“.

„Овој случај го става на тест пред сѐ Јавното обвинителство кое треба да покаже независност и политичка неутралност во утврдувањето одговорност на оние кои медицинскиот отпад го претворале во храна за кучиња скитници. Но, овој случај е голем тест и за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која фактите говорат дека е поврзана со фирмата која го расфрлала медицинскиот отпад. ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека тие што неодговорно се однесуваат кон јавното здравје ќе бидат казнети и од институциите и од граѓаните. Ќе собере ли ВМРО-ДПМНЕ храброст да го избере здравјето на луѓето пред својата страст за лично богатење?“,
пишува Заев.