Лидерите на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, сè уште не одржале состанок на кој ќе заземат став. Позицијата на опозициската коалиција „Вреди“, пак, е дека гласачите треба сами да одлучат кого од двајцата кандидати ќе поддржат
Кон кого од двајцата претседателски кандидати, Стево Пендаровски или Гордана Силјановска-Давкова, ќе се слеат гласовите од партиите на Албанците во вториот круг од изборите за претседател на државата е едно од прашањата на кои синоќа во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма одговараа Башким Бакиу, шеф на изборниот штаб на Арбен Таравари, и Крешник Бектеши, министер за економија и член на Централното претседателство на ДУИ.
Коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, според она што како одговор го даде Бакиу, нема во план да го повикува својот електорат да гласа за кого било од претседателските кандидати кои влегоа во вториот круг. Тој вели дека ќе ги повикаат поддржувачите да ја поддржат коалицијата „Вреди“ на парламентарните избори, но оценката за кого да се даде гласот на претседателските ја оставаат на нивната волја.

„Ние бараме глас за нас на 8 мај бидејќи се парламентарни избори, но нивна одлука и на нивната волја е што треба да направат на претседателските избори. Гласачите кои нè поддржаа не ги чуваме в џеб. Мислам дека Албанците се мудар народ и ќе направат разлика и ќе оценат на 8 мај. На денот на гласање сами ќе проценат (кој претседателски кандидат да го поддржат н.з.) врз основа на историја, програми и приоритети во случајот Европската Унија, елиминирање на корупцијата и функционирање на правната држава“,
вели Башким Бакиу, шеф на изборниот штаб на претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари.
Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, пак, според Бектеши, допрва ќе носи одлука како да се постави во вториот круг од изборите за шеф на државата. Бектеши рече дека лично тој сака да ги слушне ставовите на Пендаровски и на Силјановска-Давкова во однос на барањето на партиите на Албанците за избор на претседател на државата во Собранието пред да одлучи кого да поддржи.

Ова, како што рече тој, е негов личен став, со оглед на тоа што лидерите на партиите во рамки на „Европскиот фронт“ сè уште не разговарале на оваа тема.
„Во однос на вториот круг од претседателските избори, сè уште не е одржан состанок со претседателите на партиите од ‘Европскиот фронт’. Ќе се разгледаат сите можни опции. Мојот личен став како член на Претседателството на ДУИ е дека нашата држава нема потреба од дополнителни кризи и треба да се најдат решенија, да се разговара за платформите со кои кандидатите биле на претседателските избори. Мислам дека треба да се бара од двајцата кандидати да го кажат нивниот конечен став во однос на барањето да се избира претседател во Собрание и со Бадентер, кое беше наше барање и барање на Таравари“,
вели Бектеши.
Откако ќе ги изнесат своите ставови во однос на ова прашање, како што рече Бектеши, лидерите на партиите од „Европскиот фронт“, во координација со меѓународниот фактор, ќе седнат и ќе ги разгледаат сите опции.
„Мора да размислиме чисто и јасно во која насока сакаме да се движиме и не сакаме да создаваме кризи и да бидеме дел од одреди кризи кои може да ги користат структури кои веќе почнуваат да инвестираат и по телевизии и политички партии, туку да одиме напред и да бидеме држава која ќе се насочи кон развој“,
додаде Бектеши.