Тоа не се отворени теми ниту, пак, теми за јавност, за тука. Тоа се партиски теми и кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став, изјави денеска министерот Спасовски одговарајќи на новинарски прашања

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, прашањето за кандидат на СДСМ на претстојните избори за претседател на државата е партиска работа, а својот став ќе го каже кога ќе дојде моментот за тоа.
Спасовски денеска, при посетата на СВР Куманово, беше прашан дали ќе се кандидира за претседател на државата.
„Тоа не се отворени теми ниту, пак, теми за јавност, за тука. Тоа се партиски теми и кога ќе дојде моментот ќе го кажам својот став“,
одговори тој.
Името на Спасовски сè почесто во јавноста се спомнува како кандидат за шеф на државата. Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната седница го задолжи генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, да го подготви роковникот за постапката, начинот и критериумите за избор на претседателски кандидат согласно статутот на партијата.
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пред вечерашниот состанок на Извршниот одбор на партијата рече дека сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателскиот кандидат на изборите в година ќе биде од редовите на СДСМ, исто како што беше и на минатите избори.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија би поддржала претседателски кандидат од ДУИ, со оглед на вчерашната изјава на министерот Бујар Османи оти следната цел на ДУИ е претседател на државата зашто тоа е единствената функција која сè уште има етнички монопол.
Претходно Ковачевски, во интервју за „360 степени“ во четвртокот, рече дека СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го избира преку дефинирана процедура, најдемократски. Ковачевски не откри потенцијални имиња, туку посочи како треба да изгледа профилот на кандидатот.
Прашан за тоа дали актуелниот претседател Стево Пендаровски ги исполнува условите што ги набројува, лидерот на СДСМ одговори дека досегашното работење на Пендаровски е токму таков пример.
Тој додаде дека повикот од неговата партија за консензуален претседател не е само за ДУИ и Алијанса за Албанците, туку за сите партии што ги споделуваат вредностите за кои се залага СДСМ.