Зборувајќи за односите на релација Софија-Скопје, бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Коџабашев рече оти е крајно неприфатливо да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи, со кои, како што вели, непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи
Со збунетост гледаме како Северна Македонија почнува нова кампања против бугарските организации која, според Европската конвенција за човекови права, ги загрозува основните права на Бугарите во таа земја.
Ова денеска го изјави бугарскиот заменик-министер за надворешни работи Костадин Коџабашев коментирајќи го потегот на пратениците од власта и опозицијата во Северна Македонија да се изгласа потребата од измени во законите кои предвидуваат одбрана на антифашистичките вредности.
Според Коџабашев, крајно неприфатливо е да се користи наратив, вклучително и законодавни иницијативи, со кои, како што вели, непринципиелно се искористуваат теми поврзани со фашизмот, антисемитизмот и тероризмот, со цел да се ограничат основните права и да се влошат добрососедските односи.
„Категорично ги отфрламе обидите за наметнување селективни, еднострани, историски толкувања. Во таа насока, принудени сме да ја потсетиме земјата која е кандидат за членство во Европската Унија дека европската практика, законодавните иницијативи кои го засегаат правото на здружување се водени од желбата да се олесни, а не да се попречи создавањето и функционирањето на граѓански организации и здруженија“,
истакна Коџабашев.
Коџабашев потсети дека според одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година Бугарија може да поддржи каков било чекор од европската интеграција на Северна Македонија само под услов да се гарантираат правата на Бугарите во земјава.
Последните законски измени во Скопје, според него, се спротивни на овој услов.