Министерот за здравство, Венко Филипче, најави постепено враќање на работите во нормала на клиниките во склоп на Клиничкиот центар во Скопје, но и промени во системот „Мој термин“ и задолжително воведување на е-амбуланта.
Утре, рече тој, ќе има состанок со директорите на клиниките.
Утре ќе имаме состанок со директорите на клиниките од клиничкиот центар со постепено враќање на работите во нормала
„Ќе има нешто изменет терк на закажување преку ’Мој термин‘ каде ќе се измени времетраењето на прегледите за да се избегне метежот во амбулантите. Понатаму задолжително воведување на е-амбуланта каде тоа е возможно, како и соодветно закажување на снимања за да се избегнат гужвите на Институтот за рендген и на другите болници. Ова се поклопува со целосна реконструкција на улиците во Клиничкиот центар што се очекува целосно да заврши до крајот на неделата“,
вели Филипче.
Покрај новиот асфалт на сите улици, рече министерот, се отвора нова улица помеѓу Хируршката клиника и Клиниката за стоматологија, се прават два влеза, од кои едниот е сосема нов и ќе води директно до Ургентниот центар и другиот е за влез и излез кај Инфективната клиника, каде е поставена и мобилната болница.
Таа мобилна болница, ако нема потреба од дополнителен капацитет на легла како сега, планирано е да се користи како тријажен центар.
„Тоа планираме да биде една форма на тријажен центар, форма на Ургентен интернистички центар кој досега функционираше на Клиниката за токсикологија. Но, овој ќе биде целосно опремен подготвен со ротација на лекари специјалисти, во смисла на анализа проверка на пациентите дали се или не се ковид-позитивни, за да се знае како да се продолжи со нивното лекување односно по кои патеки. Со други зборови една целосна реорганизација на протокот пред сè на итните пациенти во Клиничкиот центар“,
посочи Филипче.
Мерките за враќање кон нормала на клиниките и болниците, најрано ќе се почнат да се имплементираат на почетокот на следната недела.
Во однос на откажаните интервенции за пациенти, министерот напомена дека приоритет со реорганизацијата ќе им се даде на оние кои биле откажани изминатиот период.