Поранешниот генерален секретар на СДСМ и експратеник, Александар Кирацоски застана на страна на директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Стојко Пауновски и бара од власта да не го разрешува.
„Да не се разрешува директорот на ДПИ, Стојко Пауновски, туку да се променат критериумите за рамковна распределба на вработените по рамковниот договор. Административците по рамковниот концепт треба да бидат артикулирани во системот, согласно критериумите кои важат за сите останати, без нивно привилегирање на штета на истиот. Кога веќе силно се залагаме за подигнување на критериумите на високо професионално ниво во администрацијата и државниот апарат, неупатно и погрешно е да го менуваме оној кој најдоследно ги применува“,
вели Кирацовски.
Тој се осврнува и на јавната конфронтација на Пауновски со премиерот Зоран Заев и Владата и цели дека таа можеби е несмасна и спротивна на професионалниот кодекс на однесување, но нагласува дека неговото разрешување ќе испрати погрешна порака.
Несогласувањата помеѓу директорот на ДПИ и Владата се појавија откако Пауновски јавно изјави дека нема да ги потпише решенијата за вработување на 35 административци од рамковно вработените кои ги доби инспекторатот според распределбата од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Пауновски тврди дека такви вработувања не му се потребни, посебно не во регионите каде се распределени, како Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, туку нови вработувања треба во струмичкиот и источниот регион.
Премиерот Заев првично излезе со порака до директорите да не прават отпор и да ги примаат прераспределените административци по Рамковен, а потоа излезе и со остра изјава најавувајќи негово разрешување односно дека очекува вицепремиерот Љупчо Николовски да даде таков предлог.
„Секој ден да водите полемики со потпретседателот на Владата, со претседателот на Владата, е пркос кој не е дозволен. Хиерархијата треба да се почитува, таа е поставена и треба да функционира. Се работи за мој исклучително добар пријател, но кажувам што е принцип“,
рече Заев.
Николовски, вчера излезе со заедничко соопштение со вицепремиерот Артан Груби кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во кое посочуваат дека Пауновски го прекршил Кодексот за избрани и именувани функционери. Исто така, нагласуваат и дека не треба да се манипулира јавноста дека „рамковните прераспределување“ ја заменуваат потребата од нови кадри, посебно во инспекторатите.
Од друга страна, пак, во јавноста веќе излегоа информации дека вработените во ДПИ собираат потписи за одбрана на Пауновски, а дел од медиумите објавија и дека тие ќе излезат на протести против разрешувањето на актуелниот директор.
Своето незадоволство Пауновски го искажа уште во јануари годинава кога беше соопштен начинот на распределба на рамковно вработените. Во изјава за „360 степени“ тој тогаш рече дека не е задоволен од кадарот и нагласи дека барал инспектори во Источна Македонија а добил друг профил на работници за Западна Македонија.