Кипар ќе воведе задолжителна таканаречена корона-пропусница за влез и посета на одредени објекти и локации. Со пропусницата посетителите ќе треба да имаат потврда за прележан ковид во последните шест месеци, негативен ПЦР-тест или примена прва доза на вакцина пред најмалку три седмици.
Како што јавува МИА од Атина, пропусницата ќе важи за влез во угостителските објекти, црквите, кината и театрите, трговските центри, фитнес-салите, училиштата за танц, домовите за стари лица, хотелите и туристичките објекти, казината и за време на конференциите. Ваква пропусница пак, нема да биде потребна за фризерски и козметички салони, за маркетите, аптеките, фурните, месарниците и плажите.
Одлуката за задолжителна пропусница ќе стапи во сила од понеделник кога се укинува и двонеделниот строг карантин што беше воведен на 26 април, а со тоа одново се отвораат економските и социјалните активности за граѓаните, но под правила и протоколи.
Министерот за здравство на Кипар, Константинос Јоану, истакна дека контролите, дали граѓаните ги имаат неопходните потврди, ќе ги врши само полицијата или надлежните органи, а не одговорните во бизнисите и просторите каде што е задолжителна корона-пропусницата. Одлуката се однесуваат на местата каде што има метежи и истакна дека станува збор за привремена мерка во преодниот период.
Паралелно, објасни дека до 1 јуни ќе има постепено олабавување на мерките во неколку фази „за да се даде повеќе време за стабилизација на епидемиолошката слика, со паралелно забрзување на вакцинациите“ и додаде дека целта е до крајот на јуни над 60 отсто од населението да биде имунизирано со најмалку една доза.
Со укинувањето на карантинот, Кипар, од понеделник се враќа на секојдневието пред рестрикциите, односно повторно ќе се отворат летните тераси на угостителските објекти, дозволени се собири до најмногу десет лица, како во надворешните простори, така и во домовите, ќе се укине задолжителното испраќање СМС-пораки за движење на граѓаните, а полицискиот час ќе биде од 23 часот.
Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Кипар, заклучно со 4 мај биле спроведени 307 698 вакцинации, од кои 235 919 или 31,9 отсто ја примиле првата доза, а 71 779 (9,9 проценти) се целосно вакцинирани.
Од почетокот на пандемијата во земјата се регистрирани 68 442 случаи на ковид-19, а починаа вкупно 328 лица.