Веќе од 19 мај во Австрија ќе важат разни сертификати за вакцинација, тестирање или за прележан коронавирус, што ќе овозможи пристап до културни и спортски настани и хотели, кои треба да бидат отворени дотогаш
Австрија сака да воведе „зелени пасоши“ за коронавирус во дигитална форма од 4 јуни годинава. Пасошите ќе бидат во форма на кју-ар код, кој ќе биде достапен на мобилните уреди, најави вчера министерката за туризам Елизабет Костингер, јави ДПА.
Веќе од 19 мај во Австрија ќе важат разни сертификати за вакцинација, тестирање или за прележан коронавирус, што ќе овозможи пристап до културни и спортски настани и хотели, кои треба да бидат отворени дотогаш.
Ова значи дека при посета, на пример на ресторан, ќе треба да се прикаже кју-ар кодот на телефон и така се вчитуваат потребните податоци.
„Тоа е од витално значење за нас како туристичка земја, по оваа долга сува сезона“,
рече Костингер во Виена.
Зелениот пасош се очекува да биде воведен на европско ниво во средината на јуни.
Австриската министерка за европски прашања Каролина Едштадлер, која завчера беше во посета на земјава, пак, ќе предложи „зелените сертификати, пасоши или пропусници“ да важат и за населението од Западен Балкан.
Планирано е овие пропусници да се користат низ цела Европа, вклучително и за прекугранични патувања.
Министерката Едштадлер, која е член на Австриската народна партија (ОВП), ќе предложи употребата на овие пропусници да се прошири и на земјите надвор од Европската Унија, вклучително и на Западен Балкан.
„Земјите од Западен Балкан се блиски до нас и затоа мора да бидат покриени со оваа зелена пропусница“,
изјави Едштадлер за австрискиот портал „Хојте“.
Таа смета дека на овој начин може да се обезбеди безбедно патување и повтори дека е важно да има такви пропусници и за лицата што доаѓаат од Западен Балкан.