Со поместувањето на епицентарот на кризата од Азија во Европа, и бројот на смртни случаи сега е најголем во Европа, каде што само во Италија починале 3 405 лица, додека во Кина тој број е 3 248 починати лица
Втор ден по ред во Кина нема пријавен ниту еден случај на новозаразен со коронавирус од локално потекло. Но затоа, пак, во пораст е бројот на случаи на заболени лица кои дошле од странство.
Сепак, фактот што нема случаи од локално потекло во Кина, каде што вирусот првпат беше регистриран во декември, дава надеж за многу други земји кои се во изолација во настојувањето да го ограничат ширењето на болеста ковид-19.
Бројот на нови смртни случаи во Кина во последните недели е многу опаднат, а денеска кинеското Министерство за здравство соопшти дека во последните 24 часа починале три лица, што е најниското ниво откако во јануари почнаа да се водат статистики за болеста.
Сега главната грижа на Кина е да избегне заразените лица што доаѓаат од странство да создадат нов бран епидемија на нејзина територија.
Министерството денеска соопшти за рекордни 39 нови случаи на заразени во однос на 34-те од претходниот ден, со што вкупниот број изнесува 228.
Поради ризикот од враќање на епидемијата, повеќе градови и провинции, вклучувајќи го и Пекинг, воведоа строги санитарни контроли за сите лица што пристигнуваат од некоја земја, со задолжителен карантин од 14 дена, на посебно одредено место за тоа.
Јужна Кореја и Сингапур се меѓу азиските земји кои се соочуваат со втор бран на новиот коронавирус, поттикнат од луѓето што од странство влегуваат во тие земји.
Сингапур, исто така, јави за 47 нови случаи, од кои 33 се „увезени“, при што 30 од нив се жители на Сингапур кои неодамна се вратиле од друга земја.
Јужна Кореја вчера регистрира зголемување на бројот на инфицирани, со 152 нови случаи, но засега не е познато колку од нив дошле од друга држава.
Јапонија вчера извести за три нови случаи. Но, Хокаидо, најтешко погодениот јапонски регион со 154 случаи, ја укинува вонредната состојба – воведена на крајот на февруари – откако властите соопштија дека ширењето на вирусот изгледа завршува. Тие ги повикаа луѓето да останат претпазливи и да останат во своите домови, но посочија дека нема наплив на заразени пациенти што довело до колапс на здравствениот систем.
Со поместувањето на епицентарот на кризата од Азија во Европа, и бројот на смртни случаи сега е најголем во Европа, каде што само во Италија починале 3 405 лица, додека во Кина тој број е 3 248 починати лица.