Пекинг не ги прифаќа повиците во Кина да се спроведе независна меѓународна истрага за потеклото на коронавирусот, изјави за „Би-би-си“ кинеската амбасадорка во Велика Британија, Чен Вен.
Таа истакнува дека повиците да се спроведе таква истрага се политички мотивирани и посочи дека бројните непотврдени теории и дезинформации за појавата на коронавирусот се нешто слично на „политички вирус“, кој е поопасен од ковид-19.
Ваквите изјави доаѓаат откако изминатиот период се погласни се барањата за меѓународна истрага.
Како што беше објавено, Австралија лобира кај одредени земји за да се поддржи меѓународна истрага.
Амерканската сојузна држава Мисури, пак, поднесе тужба против Кина пред федералниот суд поради претрпени огромни економски последици и загуба на човечки животи и бидејќи смета дека кинеската влада го излажала ветот за опасноста и природата на вирусот, како и дека цензурирала информации.
Исто така, во САД 22 републикански конгресмени побараа од јавниот обвинител на САД, Вилијам Бар, државниот секретар Мајк Помпео и од претседателот Доналд Трамп, да покренат постапка против Кина во Меѓународниот суд на правдата во Хаг за дејствата на оваа земја за време на пандемијата.