Луѓето ќе можат да патуваат слободно од еден до друг дел од Кина без притоа да покажуваат негативни ковид-тестови. Мерките, исто така, предвидуваат дека освен во пензионерските домови, основните и средните училишта и здравствените клиники, во останатите објекти и установи не треба да се бараат негативни тестови за вирусот
Кинеските власти одлучија да ги ублажат антиковид мерките по неодамнешните протести што избија во неколку града во земјата против строгите ограничувања поради коронавирусот.
Според новите упатства на Националната здравствена комисија, лицата заразени со ковид со благи симптоми ќе бидат изолирани во своите домови, што е голема промена во однос на мерките што се во сила речиси три години, според кои, секое заразено лице треба да биде во карантински центар.
Дополнително, луѓето ќе можат да патуваат слободно од еден до друг дел од Кина без притоа да покажуваат негативни ковид-тестови.

Мерките, исто така, предвидуваат дека освен во пензионерските домови, основните и средните училишта и здравствените клиники, во останатите објекти и установи не треба да се бараат негативни тестови за вирусот.
Воедно, освен ако некоја област од земјата не е означена како високоризична, работата и локалното производство во неа не може да биде запрено.
И покрај националното олеснување на ковид-мерките во средината на ноември, напливот на инфекции и последователното воведување на строгата кинеска политика за нулта ковид ја зголеми фрустрацијата кај луѓето.
Незадоволството кај луѓето во Кина ескалираше со организирање на протести во повеќе градови низ земјата.
Тие протестираа против политиката на нулта ковид и ограничувањата на слободата на движење, а во еден од градовите демонстрантите влегоа и во директен судир со полицијата.
Во последните неколку дена, локалните власти ширум земјата отстранија дел од антиковид мерките во одредени делови на земјата.