Зоран Милески-Кичеец утрово влегол во Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга да ја издржи правосилната затворска казна од три години на која е осуден во случајот „Рекет“. Од Управата за извршување санкции за „360 степени“ потврдија дека во моментов се врши прием на осудениот во приемното одделение.
Појавувањето на Кичеец во струшкиот КПД следува откако пред десетина дена тој доби упатен акт од Основниот суд во Охрид. Оваа струшка институција, како што е наведено во Законот за извршување санкции, е казнено-поправен дом од отворен вид.
На осудениот му останаа за издржување помалку од три години, бидејќи околу 8 месеци беше во притвор (прво во затворот „Скопје“, а потоа во домашен), период кој влегува во пресметувањето на казната.
Кичеец е осуден за делото примање наградата за противзаконито влијание.
Тој на 15 јули 2019 година, заедно со Бојан Јовановски-Боки 13, беше уапсен како осомничен во истрагата за „Рекет“, која тогаш ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Јовановски, пак, стана осомничен за две дела: перење пари и примање награда за противзаконско влијание. По околу еден месец, на списокот осомничени, обвинителката Вилма Русковска ја додаде и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за делото злоупотреба на службената положба и овластувања.

Обвинителството ги товареше дека биле барани и земени 1,5 милион евра од бизнисменот Орце Камчев, со цел тој да добие повластен третман како првоосомничен во финансиската истрага на СЈО, „Империја“.
Русковска го поднесе обвинението на 10 октомври лани, а на 3 декември 2019 се одржа и првото судско рочиште. На него Кичеец призна вина, а еден ден потоа судијката Васка Николовска-Масевска му ја изрече затворската казна од три години.
Првостепената пресуда за Кичеец се префрли во повисокиот суд – скопска Апелација, каде што неговиот адвокатски тим поднесе жалба, меѓу другото, и за висината на казната.
Апелациските судии на 4 септември годинава објавија дека ја потврдуваат затворската казна, а ја прифатиле жалбата во делот од одлуката за одземените предмети од Кичеец. По пресудата на Апелација, следуваше и првиот упатен акт од Основниот кривичен суд во Скопје, според кој Кичеец на 12 октомври требаше да влезе во затворот во Шутка.
Меѓутоа, тој во меѓувреме ја сменил адресата на живеење од Скопје во Охрид и од тие причини поднел барање за одложување на извршувањето на казната. Со тоа предметот се префрли во надлежност на охридскиот суд од каде што на 15 октомври потврдија дека му издале упатен акт, но за во затворот во Струга.

Другите двајца обвинети во „Рекет“, Јовановски и Јанева, не признаа вина и до крајот на судскиот процес пред Основниот кривичен суд во Скопје тврдеа дека станува збор за конструиран и тенденциозен предмет. За нив, судењето продолжи по редовна постапка, а на 18 јуни 2020 беше изречена и првостепената пресуда со која Боки доби девет години затвор, а поранешната специјална обвинителка седум. Нивната пресуда сè уште не е правосилна со оглед дека до Апелација беа поднесени жалби. Правосилноста Јовановски ја очекува од затворот во Шутка, а Јанева од домашен притвор, кој го издржува во својата куќа во Гевгелија.