„Ретко искажувам дневно-политички ставови, ама, дечки, дај стварно тргнете ја некако Данела, не знам како, иако знам како. Ова е таква брука секојдневно што ја гледаме и барем ова не мора да го трпиме, кога веќе сме одлучиле да трпиме ваков франкенштајнски град“, напиша Гордан Георгиев на Фејсбук
Претседателот на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во изјава за „360 степени“ посочува дека не постојат други законски опции за разрешување на градоначалничката на Градот, освен оние што се пропишани во Законот за локална самоуправа
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се обединат и да ја тргнат од власт скопската градоначалничка Данела Арсовска, повика преку социјалната мрежа Фејсбук професорот и поранешен потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев.
„Ретко искажувам дневно-политички ставови, ама дечки, дај стварно тргнете ја некако Данела, не знам како, иако знам како. Ова е таква брука секојдневно што ја гледаме и барем ова не мора да го трпиме, кога веќе сме одлучиле да трпиме ваков франкенштајнски град. Обесчестен град, град кој скапува и град кој нема никогаш да си го врати својот идентитет, ниту веројатно ќе изгради нов. Стајте или некој со чизми што ќе биде градски хаусмајстор (и со тоа сум дури океј после Данела) или некој што има некаков план (визија е претежок збор за кој било на повидок). Ова со Данела е срам за сите нас. Ете уште една можност, покрај многуте, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се обединат“,
напиша Георгиев на својот профил на Фејсбук.
Револтот во јавноста кон градоначалничката Арсовска особено се зголеми деновиве по случувањата во скопското јавно претпријатие ЈСП. Вработените, поради неисплатена плата за септември, одлучија да прекинат со работа и да ги остават автобусите паркирани во гаражите. Така скопјани, првпат во историјата, останаа на два дена без градски превоз. Во градот се случи вистински хаос, а граѓаните ја повикуваа Арсовска да го реши проблемот и да се потсети на своите ветувања за бесплатен градски превоз дадени во текот на изборната кампања.
За ваквата состојба Арсовска, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обвинуваа меѓусебе. За Арсовска виновна била власта бидејќи му должела пари на ЈСП; според СДСМ, виновни се Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ и нивните „рачиња во медот“; за „рачиња во медот“ обвинија и од ВМРО-ДПМНЕ, но за оние на СДСМ и Арсовска.
На завчерашната вонредна седница на Советот на Град Скопје, закажана по барање на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија ги нападна директорот на ЈСП, градоначалничката, но и Владата дека се одговорни за состојбите во претпријатието, додека СДСМ рече дека се случила катаклизма по само една година власт на Арсовска и партијата што ја поддржа. Градоначалничката, пак, најмногу обвинувања упати кон ВМРО-ДПМНЕ и кон Мицкоски, повторно нарекувајќи го „шпицниот градоначалник кој е замена за сите градоначалници“ и оној што „оди на отворање чешми и тротоари“.
„Мене ми се чини дека тука има некоја друга коалиција, но ќе ја оставам таа за некое друго обраќање затоа што навистина е симпатична“,
им порача Арсовска на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Постои ли законска опција за смена на Арсовска?
По повикот на Георгиев, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да се обединат и да ја сменат мајката на градот, се отвора прашањето дали има законска опција за такво нешто. Одговорот е „не“.
Професорот по политички систем и поранешен градоначалник на Скопје, Јове Кекеновски, во изјава за „360 степени“ вели дека Законот за локална самоуправа му овозможува на градоначалникот да биде неприкосновен за време на мандатот од четири години, што не е во ред.
Според Законот, мандатот на градоначалникот му престанува по сила на закон ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, ако настапи случај на неспојливост за вршење на функцијата согласно Законот за локални избори, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.
„Јас одамна предлагам да се направат измени во Законот за локална самоуправа и да има одредби под кои услови може да се разреши еден градоначалник. Во Законот има одредби под кои услови му престанува мандатот на градоначалникот, но тие не се доволни. Не може градоначалникот да биде неприкосновен четири години“,
вели професорот Кекеновски.
Според него, формално-правно не постои опција да се смени Арсовска, освен Советот на Град Скопје да покрене иницијатива за референдум на кој граѓаните би се изјаснувале за тоа дали се за разрешување на градоначалничката Арсовска.
Претседателот на Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, во изјава за „360 степени“ исто така посочува дека не постојат други законски опции за разрешување на градоначалничката на Градот, освен оние што се пропишани во Законот за локална самоуправа. На нашето прашање дали можеби во партијата се размислувало на таа тема и дали можеби Советот би покренал иницијатива за распишување референдум за смена на Арсовска, Славески ни рече дека не се размислувало во таа насока.