На денешната средба помеѓу амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски било констатирано дека оштетениот објект на централната зграда на „Пошта на С Македонија“ треба да се реставрира и заштити
Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени, а тоа веќе нема да го толерираме, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.
На средбата помеѓу амбасадорот Гир и министерот Николоски, меѓу другото, тема на разговор била заштитата на културното наследство во Македонија. Во овој контекст се отворило и прашањето за реставрација на објектот на централната зграда на „Пошта на С Македонија“ во центарот на Скопје како објект од културно и архитектонско значење.
„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат ниту евтин проект“,
вели Николоски.
Дополнително, се вели дека ќе биде потребно вложување на многу енергија, време, знаење и сериозни средства, но централниот објект на Пошта како дел од историското и културното значење на земјава од време на брутализмот мора да биде заштитен и ставен во функција.
На средбата присуствувале и претставници од Министерството за култура кои во периодот кој следи ќе треба да направат обиди со поддршка од ЕУ да се направи реконструкција и да се заштити објектот.
Бруталистичкиот објект е архитектонско дело на Јанко Константинов, а е изградена во 1974 година. Во 2013 година во просториите на централната пошта избувна голем пожар кој ја уништи куполата и фреските во шалтер собата. Оттогаш објектот е затворен за јавноста.