За ваучерите ќе може да аплицираат семејства кои во изминатите три години не користеле средства од кој било извор на надомест за трошоци за грејни уреди и објектот каде што ќе биде поставен уредот да нема приклучок на централно градско греење. Исто така, еден од условите е и уредот да биде купен и вграден во текот на 2024 година и тоа најдоцна до 30 ноември годинава, а во огласот ќе бидат наведени и карактеристиките што уредот треба да ги поседува

Министерството за економија ќе доделува ваучери за купување и вградување високоефикасни инвертер-клима уреди, како и за поттикнување енергетска ефикасност во домаќинствата.
Огласите ќе бидат објавени утре на веб-страницата на Министерството за економија и во печатените медиуми „Слободен печат“ и „Коха“.
Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши, за доделувањето на ваучерите ќе важи условот „прв дојден – прв услужен“. Огласот трае 20 дена од денот на објавувањето, а доколку има пристигнато недоволен број барања тој може да биде и продолжен за 15 дена.
За ваучерите ќе може да аплицираат семејства кои во изминатите три години не користеле средства од кој било извор на надомест за трошоци за грејни уреди и објектот каде што ќе биде поставен уредот да нема приклучок на централно градско греење. Исто така, еден од условите е и уредот да биде купен и вграден во текот на 2024 година, и тоа најдоцна до 30 ноември годинава, а во огласот ќе бидат наведени и карактеристиките што уредот треба да ги поседува.
„Едно лице од едно домаќинство може да поднесе само едно барање за доделување потврда – ваучер за купување и вградување високоефикасни инвертер-клима уреди. Едно домаќинство може да поднесе барање само за една од програмите, и тоа или за Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија или, пак, за Програмата за поттикнување за енергетска ефикасност“,
рече Бектеши на денешната прес-конференција.

Согласно предвидените средства за овие две програми од вкупно 255 милиони денари, а со целосно нивно искористување, како што рече Бектеши, е предвидено да се доделат над 7 000 ваучери за инвертер-клима уреди.
Бектеши рече дека, согласно Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, лицата со ниски примања кои живеат сами со вкупни приходи до 21 000 денари, домаќинство со два члена со вкупни приходи од 30 000 и домаќинство со три члена со вкупни приходи од 35 000 денари, ќе може да добијат ваучер во вредност од 27 000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ за купување и вградување високоефикасни инвертер-клима уреди. Лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена со вкупен приход од 40 000 денари и домаќинство со пет члена и повеќе со вкупен приход од 45 000 денари ќе може да добијат ваучер за инвертер-клима во вредност од 30 000 денари во бруто износ по домаќинство, со вклучен ДДВ.
Во однос на Програмата за поттикнување на енергетската ефикасност во домаќинства, Бектеши вели дека вкупните средства за реализација на оваа програма се во износ од 45 милиони денари.
Министерот додаде дека ваучер од 25 000 денари по домаќинство, со вклучен ДДВ, ќе добијат домаќинствата кои живеат на територијата на општините на Пелагонискиот регион – Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени и Југозападниот регион – Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа.
За оваа намена, додаде, се предвидени вкупно 100 милиони денари или 1,62 милиони евра.
Домаќинствата, пак, кои живеат во Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот Регион ќе добиваат ваучери во износ од 23 000 денари, со вклучен ДДВ, за што, како што рече Бектеши, се предвидени вкупно 110 милиони денари или 1,78 милиони евра
За да аплицираат за овие два огласи, Бектеши рече дека граѓаните ќе треба да пополнат барање што ќе може да го подигнат во архивата на Министерството за економија или на веб-страницата на Министерството за економија, изјава за точноста на податоците заверена на нотар, фотокопија од лична карта од сите членови на домаќинството, како и копија од последна платена сметка за електрична енергија.
Во исто време, додаде тој, Министерството за економија ќе објави и јавен повик за пријавување на интерес на компании кои вршат трговија со висококвалитетни инвертер-клима уреди со дефинирани услови кои ќе треба да ги исполнуваат, со кои потоа ќе биде склучен договор.
„Листата на трговци преку кои ќе може да се набавуваат инвертер-клими со ваучери ќе биде објавена на веб-страницата на Министерството за економија“,
прецизира Бектеши.
Доделувањето на ваучерите, како што рече Бектеши, е со цел зголемување на енергетската ефикасност во домовите и остварување на заштеди на електрична енергија, а тоа е согласно Програмата за поттикнување енергетска ефикасност на домаќинствата за 2024 година и Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2024 година, кои ги донесе Владата.
Бектеши, на почетокот на прес-конференцијата изрази загриженост што некои медиуми не се присутни на настанот, а претходно редовно ги следеле, особено оние што се во делот на енергетската политика.
„Да ја изразам мојата загриженост што некои медиуми не учествуваат на прес-конференцијата, а редовно ги следеле досега особено во делот на енергетската политика, а воедно имаат и личен интерес во таа дејност. Но, поради други работи и поради нивно здружување за нивни лични интереси сега сакаат преку притисоци на одредени министри во Владата да ги поминат нивните агенди. Но, ова е демократија, тие самите ќе одлучат, а воедно и граѓаните на крајот на денот“,
рече Бектеши.