Реакцијата на претседателот на културниот центар во Битола, Љупчо Георгиевски, следува откако министерот за правда Кренар Лога, по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности, го одби како неосновано барањето на бугарското здружение Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола за употреба на ова име во својот назив
Името кое го носи нашиот културен центар „Иван Михајлов“ не е запишано во централните регистри, туку во срцата на луѓето во Македонија, пишува во објава на Фејсбук претседателот на бугарскиот културен центар во Битола, Љупчо Георгиевски.
Неговата реакција следува откако министерот за правда Кренар Лога, по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности, го одби како неосновано барањето на бугарското здружение Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола за употреба на ова име во својот назив.
„Со ова РСМ го предава случајот на ВМРО и заштитата на Македонците. Со оваа одлука, тие ги прецртуваат животите и борбата на илјадниците Македонци кои загинаа во име на идејата која ги дала темелите на оваа држава – ВМРО и нејзините лидери Даме Груев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Иван Михаилов, луѓе кои јасно се идентификувале самите како македонски Бугари“,
вели Георгиев.
Претседателот на бугарскиот културен центар во Битола во објавата на Фејсбук додава дека македонските Бугари знаат по кој пат треба да оди Македонија и потенцира дека ќе стигнат дури и до Судот во Стразбур барајќи ги своите права.
„Сакале или не, ние, македонските Бугари сме тука и знаеме по кој пат треба да оди Македонија, како што знаеја нашите предци, ние сме борци за правда како нив, а не жртви, и со секој изминат ден ќе стануваме сè повеќе и повеќе. Не се откажуваме и ќе стигнеме до Стразбур, ќе се бориме и за нашите права и за отстранување на фалсификуваната историја“,
пишува претседателот на културниот центар „Иван Михајлов“ во објавата на Фејсбук.
Георгиевски додава дека пред неколку години само зборот Бугарин бил табу во земјава, а сега, како што вели, истите овие луѓе се борат за човекови права.
По вчерашните одлуки на македонското Министерство за правда и на Централниот регистар во врска со именувањето на здруженијата „Иван Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид, со реакција се јави бугарското Министерство за надворешни работи. Оттаму велат дека со зголемена загриженост ги следат случувањата во Северна Македонија поврзани со „обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите“ во земјава.
Од бугарското МНР велат дека тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително и за оние кои се дефинираат како Бугари.