Се очекува денеска во Вашингтон да продолжат разговорите меѓу делегациите на Србија и Косово, а како што јави Гласот на Америка, веројатно на средбите ќе присуствува и претседателот на САД, Доналд Трамп.
Претставниците на Белата куќа, Ричард Гренел и Роберт О’Брајан, заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, ќе ги продолжат разговорите, а според тамошните медиуми е најавено и потпишување документ.
Гласот на Америка објави дека Трамп денеска во Овалната соба ќе се сретне со двајцата државници Вучиќ и Хоти, а ќе присуствува и на церемонијата на потпишување документ, но не се наведува за каков документ станува збор и што содржи евентуалниот договор.
По средбата во Белата куќа, и Вучиќ и Хоти ќе имаат одделни средби со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Стејт департментот.
По вчерашните разговори, Вучиќ изјави дека нема да се расправа за заемно признавање на земјите, додека Хоти рече дека нема да има други теми, освен признавањето.
Инаку, на вчерашната, попладневна рунда разговори, на американските претставници им се придружила и ќерката на американскиот претседател Иванка Трамп, која вообичаено е присутна на сите важни дипломатски средби.