Тој вели дека иако цената на берзите е четири до пет пати поголема од онаа што АД ЕСМ ќе ја даде, сепак додава дека имаат изготвено иновативен бизнис-модел за кој разговараат со раководството на АД ЕСМ

Ќе направиме се за да не се зголеми цената на електричната енергија и на парното, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека нема информации за најавите од Регулаторната комисија за енергетика дека ќе има зголемување на цената.
„Тоа е на Регулаторната комисија. Знаеме дека ние како Влада одлучуваме за цената што АД ЕСМ ќе ја поднесе на аукцијата и тендерот што ги има објавено ‘ЕВН хоум’. Ние како Влада ќе дадеме сè од себе да не се зголемува таа цена и со сите можни алатки ќе го штитиме стандардот на граѓаните”, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој вели дека иако цената на берзите е четири до пет пати поголема од онаа што АД ЕСМ ќе ја даде, сепак додава дека имаат изготвено иновативен бизнис-модел за кој разговараат со раководството на АД ЕСМ.
Премиерот најави дека в сабота ќе одржи колегиум со раководството на РЕК „Битола“.
„Работиме и остануваме држава со најниска цена на енергентите и покрај тоа што немаме многу енергенти што се наш природен ресурс”, изјави Мицкоски.
Изјавата на премиерот доаѓа откако во петокот претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во телевизиско гостување рече дека од Нова Година струјата најверојатно ќе поскапи за 2 до 3 отсто.
Во однос на цената на топлинската енергија, за која компаниите побарале поскапување од 45 до 50 проценти, Ристов оцени дека таквото барање е неприфатливо, иако растот на цената на природниот гас влијае врз трошоците за производство. Наместо тоа, очекува зголемувањето на цената на парното греење да се движи од 6 до 8 проценти.
