Сосема е нормално јас и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да имаме предизборни соочувања, вели премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Потенцијална предизборна коалиција на СДСМ со ДУИ и Алијанса за Албанците, Ковачевски вели дека е предмет на анализа
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека предмет на анализа е дали СДСМ на претстојните парламентарни избори ќе оди самостојно со своите традиционални партнери или во коалиција и со ДУИ и Алијанса за Албанците.
„Сепак, треба да се направат добри анализи од аспект на емпириски студии што би значело тоа. Второ, во однос на усогласеност на програми, усогласенот на вредности и трето, во однос на усогласеност на кадровската понуда што би одела во една таква ситуација. Така што, во овој момент многу е тешко да се даде точен, прецизен одговор за тоа која опција би била реална. Меѓутоа, јас опциите не ги отфрлам, но мора да бидат анализирани“,
рече Ковачевски.
Ковачевски потврди дека тој ќе се кандидира на изборите и тоа во изборната единица еден.
Тој одговори позитивно на прашањето дали ќе прифати предизборно телевизиско соочување со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Сметам дека сите носители на листи и сите кандидати ќе го искористат своето право да ги презентираат своите програми пред гласачите. Така што, сосема е нормално дека јас и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме изборно соочување или изборни соочувања на кои ќе можеме да разговараме за нашите ставови и погледи во однос на политичката иднина на Северна Македонија“,
вели Ковачевски.