Ова градилиште неколкупати беше затворено од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење, велат од Општина Центар
Казни од 12 500 евра за небезбедно градилиште изрекоа инспекторите од Општина Центар за инвеститорот и изведувачот кои градат зад Универзалната сала во Скопје, а поради што пропадна улицата „9 Мај“.
Инвеститор на објектот е фирмата „Бинјапи инженеринг“, а изведувач е „Ардико коп“ на кои општинскиот градежен инспекторат им изрекол вкупно пет казни.
„Ова градилиште неколкупати беше затворено од градежната инспекција, но инвеститорот на своја рака ги отстрануваше заштитните инспекциски ленти и продолжуваше со градење, не земајќи ги предвид законските одредби и решенијата од инспекцијата. Инспекцијата утврди дека инвеститорот постапувал спротивно од издаденото одобрение за градење. Инвеститорот ’Бинјапи инженеринг‘ е обврзан да постави армирано бетонски колови т.н. шипови, за обезбедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно одобрението за градење“,
велат од Општина Центар.
Со тоа што не биле поставени овие шипови, дошло до пропаѓање на улицата, а биле доведени во опасност и околните објекти.
Петте казни од вкупно 12 500 евра што ги изрекол градежниот инспектор од Општина Центар се: 4 000 евра за непреземање мерки за обезбедување на градилиштето; 500 евра за прекршок на одговорното лице во правното лице „Бинјапи инженеринг“; 7 000 евра за изведувачот „Арадико коп“; 500 евра за одговорното лице во правното лице „Ардико коп“; и 500 евра за градежниот инженер за изведба.