„360 степени“ праша во Министерството за економија дали согласно оваа нова одлука на Владата се предвидени казни за трговците и производителите што нема да ја почитуваат, а оттаму ни рекоа дека за непочитување на одлуката се предвидени казни согласно Законот за трговија и тие изнесуваат до 8 000 евра во денарска противвредност за правното лице, односно за трговец поединец

Одлуката што ја донесе Владата со која производителите имаат обврска да обезбедат леб по замрзната цена е во сила од вчера, а за нејзино непочитување следуваат парични казни до 8 000 евра. Во член 29 од Законот за трговија се наведува во кои случаи Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата:
– природни и други непогоди во Република Македонија, кога настанале или би можеле да настанат сериозни нарушувања во трговијата, нарушувања во снабдувањето на населението или нарушувања во други области кои го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните;
– сериозни нарушувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните;
– нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки, – воена состојба или непосредна закана за независноста и интегритетот на Република Македонија и
– потреби за осигурување на производите, суровините и репродукциониот материјал што се од посебно стратегиско значење за одбраната на Република Македонија.

Во член 30 став 1, пак, од истиот Закон се наведува кои мерки може да ги пропише Владата:
– ограничување на трговијата на одделни стоки или посебни услови за трговија на одделни стоки;
– определување на највисоки цени за одделни производи и услуги во производството и прометот;
– ограничување на извозот или увозот на одделни стоки или пропишување на посебните услови за увоз или извоз на одделни стоки;
– ограничување на бројот на употребувани моторни возила кои физичките лица-граѓани за сопствени потреби можат да ги увезуваат и ограничување на временскиот период на увоз;
– забрана на трговците да вршат трговија со одделна стока;
– обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед;
– обврска за одделни трговци да чуваат определена количина и вид на стоки и
– забрана на употреба на одделни стоки во производството на други стоки.
Во Законот е наведено дека трговецот е должен да се придржува на мерките од ставот 1 на овој член.
„360 степени“ праша во Министерството за економија дали согласно оваа нова одлука на Владата се предвидени казни за трговците и производителите што нема да ја почитуваат, а оттаму ни рекоа дека за непочитување на одлуката предвидени се казни согласно Законот за трговија.
Член 58 од овој Закон предвидува казни до 8 000 евра во денарска противвредност за правното лице, односно за трговец поединец доколку не се почитува Одлуката.
„Глоба во износ од 8 000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице, односно на трговец поединец ако не се придржува на мерките од членот 30 на овој закон, стои во точка 5 став 1 од членот 58. Во случаите од ставот 1 точки 1, 2, 3, 4 и 5 на овој член на правното лице односно трговец поединец ќе им се изрече посебна прекршочна мерка одземање на предметите – стоките со кои е извршен прекршокот“,
се наведува во челнот 58 од Законот за трговија.

Од Министерството за економија за „360 степени“ наведуваат дека контроли дали одлуката се почитува или не ќе прави Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Денеска и премиерот Димитар Ковачевски најави дека компаниите што нема да ја почитуваат новата одлука за Владата и не сакаат да произведуваат и доставуваат леб по замрзната цена ќе бидат казнети согласно законите за трговија, за потрошувачи и за заштита на конкуренција.
„Врз основа на работата на инспекциските служби и на Државниот пазарен инспекторат и на Управата за јавни приходи, кои сите се на терен, ќе бидат носени следни одлуки со оглед на тоа како ќе бидат спроведувани двете одлуки“,
рече премиерот.
Во Одлуката која ја донесе Владата се определува обврска за трговците што претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, како и трговците што претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).
Во вториот член на одлуката се определува дека количината на лебот што треба да се продава по замрзната цена треба да биде најмалку 80 отсто од количините што биле произведувани во декември минатата година.