Во изјава за „360 степени“, претседателката на Уставниот суд вели дека има предмети кои се од посебно значење за државата, како указите на Преспанскиот договор и на Законот за јазици, за кои таа инсистира судот да одлучува во целосен состав, иако не е неопходно двотретинско мнозинство
Во хипотетичка ситуација, кога судот би требало да расправа за имунитетот на шефот на државата или за „импичмент“, одлука не би можеле да донесат само пет судии, колку што остануваат во Уставен од следниот месец
Можни се блокади во работењето на Уставниот суд од почетокот на следната година, кога оттаму ќе замине и четвртиот судија, така што судот ќе сведе на границата од пет члена, колку што се неопходни за да може да заседава и да носи одлуки за кои не е потребно двотретинско мнозинство
Кон средината на јануари завршува мандатот на судијата Јован Јосифовски откако во последните близу седум месеци Собранието не успеа да избере тројца нови уставни судии на местата на оние на кои им истекоа мандатите во текот на пролетта. Со оглед на нефункционалноста на собраниската Комисија за избори и именувања, која сега нема ни претседател, прашање е дали во блиска иднина оттаму можат да се очекуваат официјални предлози за нови уставни судии, за кои потоа треба да одлучува парламентот со апсолутно мнозинство.
Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во изјава за „360 степени“ вели дека со ваков редуциран број судии не може да одлучува во случаи за кои е предвидено двотретинско мнозинство. Тоа, како што вели, се неколку ситуации, ама, нагласува, сепак е најдобро судот за биде во целосен состав заради довербата во одлуките што ги носи во функција на уставноста и законитоста.
„Уставот предвидел деветмина судии да бидат дел од Уставниот суд и преку нивното одлучување, учество во расправи и давање на мислења да обезбедат тежина на одлуките кои гарантираат уставност и законитост и ги штитат човековите права и слободи. Со ваков редуциран број на судии не може да се одлучува во случаи за кои се предвидени најмалку шестмина судии. Тие се неколку ситуации во кои Уставниот суд би се соочил со блокада, но загриженоста за пополнување на три судиски места и уште едно после празниците, не е само за овие случаи во кои е нужно двотретинско мнозинство. Полн состав на Уставниот суд е важен и за довербата во одлуките кои се носат, за граѓаните да бидат сигурни дека овој суд го дал максималниот капацитет и волја кога носел одлуки во нивно име,“
вели Кацарска.
Со пет судии не е можен импичмент
Уставниот суд работата ја организира според Уставот и Деловникот на судот. Седница може да се одржи ако се присутни најмалку пет судии. Ако на дневен ред на седницата има прашања за кои Уставниот суд, според Уставот, одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии, седницата може да се одржи ако се присутни најмалку шест судии. Тоа би било невозможно од јануари, кога во Уставниот суд ќе останат само пет судии.
Такви претпоставени ситуации во кои би можел да се најде судот се малку и главно се однесуваат на шефот на државата:
- Според член 83 од Уставот, претседателот ужива имунитет. За одземање на имунитетот на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
- Претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности. Постапка за утврдување одговорност на претседателот покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.Ако Уставниот суд утврди одговорност на претседателот на Републиката, функцијата му престанува по сила на Уставот.(член 87 од Уставот)
- Уставниот суд на седница избира претседател на судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.(член 7 од Деловникот на Уставниот суд).
Кацарска вели дека има одлуки за кои смета дека судот треба да ги разгледа во полн состав, иако за нив не е потребно двотретинско мнозинство.
„За мене и колегите секој предмет е значаен, но има, на пример, предмети, како што е Указот за потпишување на Преспанскиот договор или Указот за потпишување на Законот за јазици, кои имаат посебна тежина за државата. Затоа инсистирам да се одлучува по нив во полн состав,”
вели Кацарска за „360 степени“.