Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева денеска била спроведена во Државниот завод за ревизија, кој работи на ревизорскиот извештај за Специјалното јавно обвинителство. Спроводот бил извршен по наредба на скопскиот Кривичен суд, кој датира од пред неколку дена.
Но, состанокот не се одржал. Според МВР, причината е недолично однесување на Јанева.

„ Во 10.30 часот, К J. (1965) … била спроведена во Државен Завод за Ревизија, во палата „Емануел Чучков“, каде го нарушила јавниот ред и мир со дрско и непристојно однесување на јавно место. Сочинет Записник за констатиран прекршок“,
велат од МВР.
Адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчкоска, за „360 степени“ потврди дека Јанева биле спроведена во Државниот завод за ревизија, но и дека таму е однесена спротивно на закон.

„Точно е дека без претходна најава и без уредна покана денеска Катица Јанева е спроведена од куќен притвор до Државниот завод за ревизија во присуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Спроводот е со цел за да присуствува на работен состанок на повик на Државниот ревизор, за да и се презентира извештајот на ДЗР за работењето на СЈО, како на лице одговорно на таа институција во изминатиов период. По мои сознанија до реализација на таков работен состанок не е дојдено, но причините за истото не ми се познати.“
вели адвокатката Ирена Фрчкоска.
Дел од медиумите веќе споделија интерни белешки на МВР дека причината за прекин на состанокот е што Јанева на почетокот на состанокот соблекла дел од облеката. Во ставот до јавноста, полицијата сепак не сподели и ваков момент.
Во јавни настапи уште пред Нова година, адвокатката на Катица Јанева, Ирена Фрчкоска, говореше дека поранешната специјална обвинителка е со нарушено и физичко и психичко здравје, за што се лекува со соодветна терапија. Вчера, при завршните зборови на судењето за „Рекет“, Катица Јанева употребуваше остар и на моменти дрзок речник.