Поранешната специјална јавна обвинителка, а сега обвинета во „Рекет“, Катица Јанева, нема да добие бранител по службена должност. Нејзината адвокатка, Ирена Фрчкоска, денеска се појави на закажаното рочиште на кое треба да сведочи обвинителката Лиле Стефанова.

На претходните две рочишта, на 20 и 23 јануари, и Фрчкоска и другиот адвокат на Јанева, Дељо Кадиев, не се појавија поради здравствени причини и судењето се одложи.
Кадиев беше хоспитализиран, а Фрчкоска исто така до судот бараше одлагање бидејќи е болна за што испратила и медицинска документација. Поради нивно отсуство и одложувањето на рочиштата, судијката во „Рекет“, Васка Николовска-Масевска, во четвртокот најави дека ќе бара од претседателот на судот да се одреди адвокат по службена должност.
„Од медицинската документација не може да се утврди до кога би траело ова. Ако в понеделник не се појави некој од бранителите, судот ќе побара да биде назначен бранител по службена должност кој ќе може да ѝ обезбеди квалитетна одбрана на обвинетата, со оглед дека ова е притворски предмет и треба да се заштитат правата на тоа лице“,
рече судијката Николовска-Масевска.
Бидејќи барем еден од адвокатите на Јанева е присутен, судот констатираше дека се исполнети условите судењето да продолжи.

На денешното рочиште, на местото на Вилма Русковска, застапник на обвинението е обвинителката Гордана Смаќоска.

Денеска треба да сведочи обвинителката Лиле Стефанова, која беше дел од СЈО. Таа тогаш, но и сега го води предметот „Империја“, каде што осомничен е бизнисменот Орце Камчев, кој е клучен во предметот „Рекет“ бидејќи обвинението се однесува на земање пари од него со цел да добие поповолен третман во „Империја“.
Судењето е во тек.