Актуелниот градоначалник на Тетово и лидер на Беса, Билал Касами вели дека тие како опозициска партија нема да бараат предвремени парламентарни избори, како што инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за „Радио слободна Европа“ Касами потенцира дека сепак ќе бараат начин за дополнителни механизми за контрола на власта која, според него, е склона кон корупција.
„Ние нема да навлегуваме со барање за избори па да создаваме дополнителни проблеми за државата и граѓаните. Но истовремено наше барање до меѓународните партнери е дека мора да имаме дополнителни механизми за контрола на владата. Ако договориме дека во ситуацијата во која е Балканот поради војната во Украина не е време да се организираат предвремени тогаш мора да се договориме да се создадат тие дополнителни механизми за да се заштитиме од корупција од високо ниво. Бидејќи веќе имаме перманентни примери како високи владини функционери запаѓаат во криминал и корупција“
вели Касами.
Во однос на прашањето за можно предизборно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, Касами вели дека се уште нема договор.
„Иако имаме редовна комуникација немаме некаков договор за следните чекори како ќе се координираме во делот на притисокот на нови предвремени избори. Што се однесува до формална соработка за следни избори, искуството во делот на предизборната соработка со СДСМ, не става во позиција двапати да размислиме за следен чекор за таква постапка“
порачува Касами.