Во дебата на „360 Степени“, извршната директорка на Фондацијата Отворено Општество Македонија (ФООМ), Фани Каранфилова Пановска зборуваше за реформите во јавната администрација и ставот на новиот премиер Зоран Заев, дека никој не треба да стравува за своето работно место.
– Тоа што ние сме се залагале со години е дека јавната администрација мора да се рационализира. Значи, не може бизнис секторот и граѓаните да ставаат толку од своите средства во државниот буџет од којшто ќе се сервисираат огромен број вработени во јавната администрација без да знаеме за тоа кои се и дали таквиот број е навистина потребен. Меѓутоа не можеме да зборуваме ништо однапред, без да знаеме колку се тие луѓе, во кои органи, на какви места се распоредени, со какво искуство и знаење располагаат. Едно е што партиите на власт ќе сакаат да направат, да може да ги пратат своите пораки кон нивните гласачи, без разлика дали се во јавната администрација или надвор од нејзе. Во јавната администрација не знаеме колку вработени има, меѓутоа јас би оперирала со бројка од над 160 илјади, можеби и 200 илјади. Што правиме со остатокот од населението, кое придонесува таа администрација да се плаќа? Така што, не мислам дека по секоја цена треба да се задржи бројот на јавна администрација. Колку луѓе ни требаат во таа јавна администрација, со какви знаења и вештини, тоа прво треба да покаже проценката со што располагаме, и второ секој од органите треба да направи систематизација согласно своите идни реформски зафати – рече Каранфилова Пановска.
Напишете коментар