„Промени ќе има, но тие не треба да се само персонални. Постои варијанта за влада во која Борисов нема да биде премиер“, смета вицепремиерот и бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, коментирајќи го најавеното гласање за доверба на Кабинетот на Борисов и протестите кои доведоа до него.
„Владата не се бира од плоштад туку од парламент. Во вторник или среда ќе се види дали оваа влада има стабилност во парламентот, иако мислам дека интерпелацијата нема да помине“,
вели Каракачанов.
Сепак, според него, само со персонални промени нема да се реши ништо.
„Треба да имаме разбирање за тоа што од нас го очекува општеството, а не само да ги слушаме надворешните партнери. Ако треба и јас че дадам оставка, ако оние кои ги раководам изминатите три години, командантите во оружените сили, вработените во министерството сметаат и кажат дека не сум бил на нивото на задачата“,
вели тој.
Како причина за незадоволството на граѓаните, Каракачанов ја наведува коронакризата, бидејќи според него, пред да се случи пандемијата, Бугарија имала одлични резултати, пред се со зголемување на платите и ниска невработеност.
Во Софија и во поголемите бугарски градови веќе деветти ден се оддржуваат протести. Демонстрантите бараат оставка на владата и на државниот обвинител.
Народното собрание на Бугарија во понеделник, на вонредна пленарна седница, ќе ја отвори расправата за доверба на владата на Бојко Борисов, по интерпелацијата поднессена од опозициската Бугарска социјалистичка партија.
Гласањето ќе се одржи 24 часа по завршувањето на дискусиите.