Состојбата со ковид-19 во земјава во последниве 14 дена драстично се подобрува, бидејќи има 1,1 % смртни случаи на дневно ниво, рече епидемиологот од Институтот за јавно здравје и член на Кризниот штаб, д-р Жарко Караџовски.
„Ова е многу подобро отколку во оние држави во кои сè уште има по стотици смртни случаи дневно. Еден од факторите што нè натера да размислуваме за олабавување на мерките во прва, втора, па евентуално и трета фаза е намалениот морталитет којшто ги следи светските трендови. Во изминативе 14 дена направени се 6.063 за дијагностика на ковид-19. Ако на почетокот ги тестиравме оние со симптоми или оние коишто биле во контакт со заболени лица, сега го менуваме алгоритмот и одиме на пошироко тестирање што во оваа фаза ги опфаќа вработените во градинките“,
рече Караџовски.
Тој најави и поширок скрининг и на лицата вработени домовите за стари лица, како и здравствените работници, таксистите, припадниците на АРМ и други.
„Со други зборови ќе направиме повеќе од 10 илјади тестирања за да го видиме каков е скринингот на нашето население и дали овие лица се сигурни за да продолжат со својата активност“,
рече Караџовски.
Светската здравствена организација (С30) побарала под контрола да бидат 60 до 80 отсто од кластерите, за што Караџовски рече дека точно се знаат оние фамилии или општини во кои луѓе биле во самоизолација, а со тоа тие се под контрола.
„Во пет градови имаме поголем број на заболени лица кои ги држиме под контрола бидејќи се познати кластери. Лично не очекувам зголемен број дотаму да ние не можеме да држиме контрола. Ние кога имавме сто случаи дневно ситуацијата ја држевме под контрола, бидејќи имавме 1000 резервни кревети“,
додаде Караџовски.
Тој вели дека дел од случаите кои завршија смртно, во болниците пристигнале во терминална фаза.
„Тоа значи дека или не се лицата не се осмелувале веднаш да дојдат кога ќе ги почувствуваат симптомите или дојдоа предоцна“,
рече Караџовски.
